ФРАНЦИЈА РАЗМИСЛУВА ДА ВОВЕДЕ ВОНРЕДНА СОСТОЈБА ЗА ДА СТАВИ КРАЈ НА НАЈЛОШИТЕ НЕМИРИ ВО ПОСЛЕДНИТЕ 50 ГОДИНИ

    ФРАНЦИЈА РАЗМИСЛУВА ДА ВОВЕДЕ ВОНРЕДНА СОСТОЈБА ЗА ДА СТАВИ КРАЈ НА НАЈЛОШИТЕ НЕМИРИ ВО ПОСЛЕДНИТЕ 50 ГОДИНИНемирите во Франција почнаа со протести против покачувањето на данокот на горивата, но брзо прераснаа во општо незадоволство од економските реформи на 40-годишниот Макрон. (Фото: Скајњуз)

    Француската влада размислува да воведе вонредна состојба во земјата за да ги спречи немирите кои почнаа на 17 ноември и се повторуваат секој викенд. Од владата велат дека се отворени за дијалог, но дека нема да го променат курсот.

    Групи маскирани демонстранти вчера направија хаос низ централен Париз, палејќи возила и објекти, ограбувајќи продавници, кршејќи прозорци и судирајќи се со полицијата во најлошите немири во француската престолнина од 1968 година. Немирите се најголемиот предизвик за претседателот Емануел Макрон од неговото доаѓање на функцијата пред 18 месеци. Немири има и во неколку други градови во Франција, од Шарлевил на северот, Нант на запад и Марсеј на југ.

    „Мора да размислиме за преземање мерки за да не се повторат овие инциденти“, кажа владиниот портпарол Бенжамин Гриво за радиото „Европа 1“.

    Париската полиција соопшти дека уапсила над 400 лица, додека 133 биле повредени, вклучувајќи и 23 припадници на безбедносните сили. (Фото: ЕПА)

    Немирите почнаа од нигде никаде на 17 ноември и брзо се раширија преку социјалните мрежи, а демонстрантите блокираа патишта и трговски центри низ Франција, како и складишта за гориво. Сè почна со протестите против покачувањето на данокот на горивата, но брзо прераснаа во општо незадоволство од економските реформи на 40-годишниот Макрон, од кои според демонстрантите корист имаат само богатите и големите бизниси.

    Властите беа фатени неподготвени за вчерашната ескалација на насилствата, кои го засенија спонтаното протестно движење, наречено „жолти елеци“, бидејќи многумина од демонстрантите носат флуоресцентни елечиња што се чуваат во сите возила во Франција.

    Во Париз, полицијата соопшти дека уапсила над 400 лица, додека 133 биле повредени, вклучувајќи и 23 припадници на безбедносните сили. Полицијата употреби шок бомби, солзавец и водени топови за да ги растера демонстрантите.

    Макрон попладнево ќе одржи итен состанок со премиерот и министерот за внатрешни работи во врска со немирите и како да се почне дијалог со „жолтите елеци“, кои немаат вистинска структура и лидери.

    Демонстрантите вчера палеа возила и објекти, ограбуваа продавници, кршеа прозорци и се судрија се со полицијата во најлошите немири во Париз од 1968 година. (Фото: Скајњуз)

    Прашан за можноста да се воведе вонредна состојба, Гриво одговори дека тоа е една од опциите.

    „Не смееме да дозволиме секој викенд да стане собир или ритуал за насилство“, кажа Гриво.

    Тој ги повика „жолтите елеци“ да се дистанцираат од радикалните групи кои предизвикуваат насилства, да се организираат и да дојдат на преговарачка маса. Сепак, тој отфрли промена на владината политика.

    „Нема да го промениме курсот. Одиме во вистинската насока. Сигурни сме во тоа“, рече тој.

    Властите велат дека насилни групи од крајната десница и крајната левица, како и разбојници од предградијата се инфилтрирале во движењето „жолти елеци“ во Париз.

    Цената на дизелот, најчесто користеното гориво во Франција, порасна за околу 23% изминативе 12 месеци. Цената на нафтата на светските берзи порасна пред повторно да падне, но владата на Макрон го покачи данокот на горивата годинава за 7,5 центи за литар дизел и 3,9 центи за литар бензин, како дел од кампањата за почисти возила и горива.

    Одлуката да се воведе дополнително покачување од 6,5 центи за дизел и 2,9 центи за бензин од 1 јануари 2019 изгледа дека ја прели чашата.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира