Во населбата „Тунел“ во Велес е отворен забавен парк за деца со ограничена мобилност. Тој е изграден заеднички од Здружението за лица со телесен инвалидитет „Мобилност“ од Велес, Министерството за труд и социјална политика и Општина Велес. Претходно се изградени 12 вакви игралишта низ државата, а до крајот на годината ќе се направело уште едно.
„Со ова се остварува нашата заложба за пристапна околина, што е важен предуслов за интеграција на лицата со телесен инвалидитет во секојдневниот живот. Овде децата со попреченост ќе се играат, дружат и забавуваат со останатите деца и така се рушат бариерите во животот. Сите деца имаат иста желби за игра и забава“, кажа Софка Прчева, генерален секретар на Националниот сојуз на лицата со телесен инвалидитет.
Денеска е Меѓународен ден на лицата со попреченост. Годинава, Обединетите нации го одбележуваат под мотото „Зајакнување на капацитетите на лицата со попреченост преку отстранување на непристапноста и архитектонските бариери“.
Реквизитите во вредност од 670.000 денари ги обезбеди здружението „Мобилност“-Велес преку Министерството за труд и социјална политика, а Општина Велес обезбеди 200.000 денари за градежните работи. Во ОУ „Васил Главинов“ во Велес учат 15 деца со попреченост.
П. ПЕЧКОВ