Влатко Трајковски, еден од 33-цата обвинети за терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста, во својата одбрана која траеше речиси четири часа кажа дека не бил дел од групата која се собрала во ресторанот „Дион“ и организирано тргнала кон Собранието на 27 април лани, туку случајно минал од таму откако тоа му го предложил другар му Марјан. Во Собранието влегол од главната врата со фантомка оти му ја дал другар му, но по влезот ја извадил оти знаел дека е кривично дело да се влегува во Собрание маскиран.
„Прво влегов во сала Македонија, кога почна да се пее, се качив на фотелја и пеев и јас. Потоа еден полицаец ми побара вода, му дадов и го прашав за возврат да ми каже кај е кабинетот на Вељаноски. Отидов таму и побарав да влезам, но мислеа дека сум пијан поради моите гестикулации. Го видов и излегов. Кога се качив горе по скалите кај што беа пратениците, еден пратеник и една жена побараа да им помогнам. Јас им помогнав, а после кратко време пратеникот Сашко Костов ми рече: ‘Што правиш, хулиган еден’. Јас му реков: ‘Кој е хулиган, јас им помагам на пратеници, ве спасувам, седи тука сега ќе видиш кој хулиган’. И се вратив со ПП апарат, но не го удирав со него или со тупаници и не прскав кон новинари, туку кон пратеникот Сашко прскав оти ме нарече хулиган“, рече Трајковски.
Тој кажа дека кога влегол во прес-салата каде било хаос и каде се тепале пратеници, бил удрен со стол и паднал на земја и се здобил со повреди.
Обвинителството во вкрстеното испрашување го праша обвинетиот дали во прес-салата ја удрил тогашната пратеничка Радмила Шекеринска, а тој одговори дека не се сеќава на такво нешто, туку го бутнал човекот што ја држел, а ако го сторил тоа длабоко се извинува и тоа се случило во афект.
По ова заврши одбраната која ја даваше обвинетиот Трајковски, по што судијката Добрила Кацарска даде пауза од еден час.
А. АНТЕВСКА