ЧАВКОВ ДАВАШЕ НАРЕДБИ НА ГЕОРГИЕВСКИ, ПЕШОВ И НА ХИТЛЕР, АМА НЕ МОЖЕВ ДА СЛУШНАМ КАКВИ, СВЕДОЧЕШЕ ВОЗАЧОТ НА ЧАВКОВ НА СУДЕЊЕТО ЗА 27 АПРИЛ

    ЧАВКОВ ДАВАШЕ НАРЕДБИ НА ГЕОРГИЕВСКИ, ПЕШОВ И НА ХИТЛЕР, АМА НЕ МОЖЕВ ДА СЛУШНАМ КАКВИ, СВЕДОЧЕШЕ ВОЗАЧОТ НА ЧАВКОВ НА СУДЕЊЕТО ЗА 27 АПРИЛОбвинетиот Митко Чавков излегува од автомобил пред Основниот суд Скопје 1. (Фото: К. Попов)

    По Никола Димитриевски, телохранителот на Митко Чавков, на денешното судење за организираниот напад во Собранието на 27 април сведочеше и Вангел Цакончев, возачот на поранешниот директор на Бирото за јавна безбедност.

    „На 27 април бев возач на мерцедесот со кој го возев директорот Митко Чавков. Со нас беше Никола Димитриевски, неговиот телохранител. Зад нас движеше џип БМВ како пратња. Отидовме во Сити Мол. Се паркиравме. Никола и директорот отидоа на забар. По долго време, се вратија кон Сити мол. Се упативме кон Скара бар. Останавме таму до 17 часот. Со неговиот кум Горан се качија во возилото. Се упативме кон зградата на Технометал Вардар. Тука бевме до 20 часот. Од Никола добив инструкции да возам кон МВР, кон новата зграда на Гранична полиција. Никола и Чавков влегоа во зградата, на приземјето кај што се наоѓаше штабот. Таму беа скоро сите началници. Ситуацијата беше разиграна. Потоа возев до подземната гаража на Тодор Александров. Го одвезовме во ВМРО-ДПМНЕ. Кога требаше да го вратиме директорот дома, беше разденето“, одговори Цакончев на директно испрашување од адвокатот на Чавков, еден од 33-цата обвинети за терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста.

    Обвинителката Ивана Трајчева немаше прашања ни за овој сведок, па стана обвинетиот Александар Василевски – Нинџа.

    „Дали можеме да заклучиме дека под гаражите на Технометал Вардар има лифт со кој може да се излезе под плоштадот на ВМРО-ДПМНЕ?“, праша Нинџа.

    „Да, има лифт, ама не сум знаел дека води до плоштадот на ВМРО-ДПМНЕ“, одговори сведокот.

    „Дали е точно дека од 18 до 20 часот со сигурност не можете да потврдите дека Чавков цело време бил во зградата на ’Технометал-Вардар‘?“, праша Нинџа.

    „Јас го видов како влегува во 18 и како излегува во 20 часот од таа зграда“, рече сведокот.

    На прашање на Нинџа дали влегуваат со далечинско, возачот на Чавков одговори: „Во зградата влегуваме со стиснување на копче, добиваме картичка, кажуваме кои сме, ни ја поништуваат картичката“.

    „А како влегувате во ВМРО-ДПМНЕ?“, праша Нинџа.

    „Го однесов во ВМРО-ДПМНЕ, го оставив долу, заминав да го паркирам возилото во Тодор Александров. Јас барем кога сум бил на смена, никогаш не сум го паркирал службеното возило на директорот во штабот на ВМРО-ДПМНЕ“, одговори сведокот.

    Судијката Добрила Кацарска пристапи со прашања: „Дали се качивте од 18 до 20 часот до Чавков во Технометал?“.

    „Не“, одговори сведокот.

    „Кој даваше наредби кога отидовте во МВР?“, праша Кацарска.

    „Чавков“, одговори Чавков.

    „Кому?“, праша судијката.

    „На Горан Георгиевски, Митко Пешов, на Хитлер и други“, одговори возачот на Чавков.

    Сведокот рече дека не можел да слушне какви наредби давал Чавков.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира