Битола по пет години ќе добие полигон за полагање возачки испит, за што битолчани досега мораа да одат до Прилеп и Ресен. Полигонот деновиве интензивно се гради и се очекува идната недела да проработи. Тој е донација од Сообраќајниот испитен центар „АМ ДООЕЛ- Битола“, земјиштето на кое ќе биде сместен, на излезот од градот кај населбата Горно Оризари, е во сопственост на Општина Битола, а со него ќе управува јавното претпријатие „Нискоградба“.
„Градбата е во завршна фаза. Привршуваме со тампонирање, а в четврток ќе се стави и асфалт. В понеделник, увид на терен треба да направи екипа од МВР, а потоа веднаш почнуваме со работа“, рече Зоран Кузмановски од Испитниот центар.
Советот на Општина Битола веќе донесе одлука за примање на донацијата.
Советниците од опозицијата реагираа дека власта се фали со туѓи пари и дека на Испитниот центар му се заканувала опасност да ја изгуби лиценцата за работа поради немање полигон во градот, па така се издејствувала донацијата.
Претседателот на Советот, Груевски, рече дека како власт најдоа начин да го решат проблемот во една година, а претходниците не успеаја ни за пет.
„Нашите деца полагаа во Прилеп и Ресен и имаа дополнителни трошоци. После една година од доаѓањето на оваа власт, успеваме земјиштето да го пренамениме од земјоделско во градежно. Издејствувавме Владата да го додели на трајно користење на Општина Битола. Одлуката ја добивме пред десетина дена. Го запишавме тоа земјиште во катастар, а Општина Битола издаде одобрение за градење“, рече Груевски.
Битола остана без полигон во мај 2013 година, кога МВР го забрани користењето на постоечкиот поради неисполнување на стандардите. Така, битолчани пет години стануваа возачи во Прилеп и Ресен.
Ж. ЗДРАВКОВСКА