ГРУЕВСКИ СНИМЕН ВО РЕСТОРАН ВО БУДИМПЕШТА, ПОБЕГНА ОД НОВИНАРИТЕ

    ГРУЕВСКИ СНИМЕН ВО РЕСТОРАН ВО БУДИМПЕШТА, ПОБЕГНА ОД НОВИНАРИТЕНа излегување, унгарскиот новинар го праша како дошол од Македонија и дали имал помош од унгарските власти, но не доби одговор. - Груевски пред Кривичниот суд (архивска фотографија)

    Избеганиот осуден експремиер Никола Груевски денеска беше снимен од унгарскиот портал „24“ како руча во ресторан во центарот на Будимпешта. Груевски, кој доби политички азил од унгарските власти, седеше на маса со две лица, а потоа си замина сам со автомобил со шофер.

    На излегување, унгарскиот новинар го праша како дошол од Македонија и дали имал помош од унгарските власти, но не доби одговор.

    Груевски на 9 ноември требаше да се пријави во затворот во Шутка на издржување на двегодишната затворска казна за предметот на СЈО „Тенк“, но избега во Унгарија преку Албанија, Црна Гора и Србија. На 20 ноември објави дека од Унгарија добил политички азил. Истиот ден Министерството за правда објави дека го испратило барањето за екстрадиција на Груевски до министерството за правда на Унгарија.

    Владата, МВР и Обвинителството уште не објавија резултати од истрагата како Груевски успеал да избега од Македонија.

    Обвинителството денеска најави дека најдоцна за 2 недели ќе ги соопшти резултатите од истрагата за бегството, а на 17 или 18 декември тим од Обвинителството ќе оди во Црна Гора да ги земе снимките од безбедносните камери на граничниот премин преку кој Груевски преминал во Србија. Обвинителството ги бара снимките и од Албанија, а при крај е прегледувањето на снимките од македонско-албанската граница.

    „Добивме информација од колегите од Црна Гора дека ги прибрале сите снимки кои ни се потребни и во понеделник или вторник ќе одиме да ги преземеме. Колегата вчера ургираше во Албанија да ни се достават што поскоро материјалите што тие ги имаат“, рече обвинителката Вилма Русковска.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира