Куманово ќе започне постапка за јавно-приватно партнерство за јавното осветлување во Општината. Kонцесијата ќе биде на 10 години, а фирмата што ќе го добие тендерот ќе има обврска да вложи 4,7 милиони евра за замена и одржување на 9.340 светлечки места.
Потребата од јавно-приватно партнерство градоначалникот Максим Димитриевски ја правдаше со неможноста Oпштината и ЈП „Куманово-паркинг“ да одвојат доволно средства за одржување на јавното осветлување, поради што граѓаните постојано се жалат.
„Имаме сериозен комунален проблем. Јас сум градоначалник 13 месеци и за ова време, над 1.000 граѓани се пожалиле на квалитетот на уличното осветлување. Општината одвојува значителни средства за претпријатието, но тоа не може да го менаџира целиот процес, затоа што се наоѓа во тешка материјална состојба, па голем дел од градот е во темнина. Влезот на градот не е осветлен, а иста е состојбата и во населбата Карпош. Со јавно-приватното партнерство ќе заштедиме од еден до 1,4 милиони денари на месечно ниво само по тој основ. Ние мора да ги намалиме расходите, а да ги зголемиме приходите, бидејќи тоа ни го диктира Владата со новиот буџет“, изјави Димитриевски.
Тој најави дека во наредниот период ќе се распише меѓународен тендер и фирмата што ќе понуди најдобри услови ќе биде партнер на Општината во наредните 10 години. Тој вели дека искуствата на другите градови, како Охрид, покажале одлични резултати со јавно-приватно партнерство и затоа негова намера ќе биде да се дадат под концесија и другите јавни претпријатија кои трпат загуба.
Наспроти ова, советниците од опозицијата сметаат дека одлуката е избрзана, затоа што точката беше ставена на дневен ред на самата седница, иако физибилити студијата била изготвена уште во мај годинава, а немало ни поширока дебата, во која ќе бидат вклучени и граѓаните. Опозицијата на крајот не ни гласаше за оваа одлука.
„Ние немаме ништо против и не го кочиме јавно-приватното партнерство, туку само бараме време да се разгледа одлуката. Да се консултираат стручни лица, да се прашаат граѓаните и да се разгледаат искуствата на други општини за да се изнајде најдоброто решение. Вака се ставаме пред свршен чин да поддржиме нешто што не ни е до крај јасно“, изјави советникот Драган Петковски од ВМРО-ДПМНЕ.
С. НИКОЛИЌ