ВО БУДИМПЕШТА БЕВ ДА ГИ ПРЕГЛЕДАМ СИНУСИТЕ, ТВРДИ ОБВИНЕТИОТ ТРАЈКОВСКИ, КОЈ БЕШЕ ФОТОГРАФИРАН СО ГРУЕВСКИ

    ВО БУДИМПЕШТА БЕВ ДА ГИ ПРЕГЛЕДАМ СИНУСИТЕ, ТВРДИ ОБВИНЕТИОТ ТРАЈКОВСКИ, КОЈ БЕШЕ ФОТОГРАФИРАН СО ГРУЕВСКИ„Јас сум слободен човек обвинителке“, ѝ одговори Трајковски на Фетаи зошто баш во Будимпешта отишол на преглед. - Обвинетиот Александар Трајковски пред Основниот суд Скопје 1 (архивска фотографија/СДК.МК)

    Обвинетиот Александар Трајковски, кој минатата недела во Будимпешта беше фотографиран со избеганиот осуден премиер Никола Груевски, тврди дека бил во Унгарија на специјалистички преглед за синусите и дишните патишта. Денеска тој зборуваше со новинарите на судењето за предметот на СЈО Насилство и шамари во Центар.

    Трајковски денеска дојде во Основниот суд Скопје 1 со папка медицинска документација, која ја подготвил за во Царина, каде што е вработен. Не стасал, вели, да го затвори боледувањето, оти се вратил во саботата.

    Трајковски е кообвинет на Груевски, Миле Јанакиески, Даниела Рангелова и група учесници во кршењето на општина Центар во 2013 година, под изговор дека ќе се носи план за уривање на црквата Света Елена, точка која воопшто не била на дневен редна седницата на Советот. Освен за организација на насилствата, Груевски во овој случај е обвинет и за нарачка на шамари за тогашниот градоначалник Андреј Жерновски.

    Трајковски вели дека со Груевски се сретнал како со сопартиец и поранешен лидер. Тој се пожали дека станал мета на јавноста поради Груевски и оти поради неговото патување и лекување како слободен човек, јавноста калкулирала и со негово притворање и бркање од работа од Царина.

    Не кажа зошто ги лекувал синусите и дишните патишта токму во Будимпешта.

    Случајно, Груевски има проблеми со синусите и мора да оди на редовен преглед.

    Специјалната обвинителка Фатиме Фетаи го праша на денешниот процес: „Кој ве упати токму во Будимпешта, зошто баш таму? Зима е, ладно им е на синусите.“

    „Јас сум слободен човек обвинителке“, рече тој.

    „Во интерес на постапката и вашето редовно присуство во иднина, дали ќе одите повторно на преглед во Будимпешта?“, го праша Фетаи.

    „Отидов, ми констатираа тоа што ми го констатираа, ќе се лекувам тука“, ѝ одговори Трајковски.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира