ТРЕТИОТ АЛБУМ НА КРСТЕ РОЏЕВСКИ МЕЃУ НАЈДОБРИТЕ ВО 2018 СПОРЕД „ДАУНБИТ“, В СРЕДА ПРОМОЦИЈА ВО СКОПЈЕ

    ТРЕТИОТ АЛБУМ НА КРСТЕ РОЏЕВСКИ МЕЃУ НАЈДОБРИТЕ ВО 2018 СПОРЕД „ДАУНБИТ“, В СРЕДА ПРОМОЦИЈА ВО СКОПЈЕНајпознатиот и највлијателниот џез-магазин „Даунбит“ во јануарскиот број го вброи „Зајакот и паднатиот јавор“ на Роџевски на листата најдобри во 2018, на која се и последните албуми на голем број великани на современата џез музика

    „Зајакот и паднатиот јавор“ (The Rabbit and The Fallen Sycamore), третиот албум на македонскиот гитарист, пејач и кантавтор Крсте Роџевски кој живее и работи како психијатар во Њујорк, е на листата на најдобри албумски остварувања во 2018 на најпознатиот и највлијателен џез магазин „Даунбит” (DownBeat). Ова е  едно од најголемите признанија што некој македонски музичар го има било кога добиено од реномираната светска музичка критика.

    Списанието во својот најнов јануарски број го вброи актуелниот албум на Роџевски во листа на која се и последните албуми на Брајан Ино, Вадада Лео Смит, Дејв Холанд, Џо Ловано и Дејв Даглас, Бред Мелдау, Џошуа Редман, Камаси Вошингтон, Ник Барч Ронин, Метју Шип и други великани на денешната џез музика.

    Роџевски доаѓа во Скопје заради промоција на албумот на 19 декември, во кафе „Винил“ (од 21часот).

    Третиот студиски проект на Роџевски доживеа блескави критики и рецензии и во другите влијателни музички списанија, магазини и интернет магазини како: „Вајр“, „Стереогам“, „Ол абаут џез“, „Џез корнер“, „Џез викли“, „Авант мјузик њуз“, „Бродвеј ворлд“.

    Според критичарите, песните на Роџевски во „Зајакот“ резонираат во сивата зона помеѓу носталгијата и очекувањата (Дизајнот на омотот на албумот е на Ику Мори)

    „Зајакот и паднатиот јавор“ е третиот албум од неговата трилогија „Апоптоза“ (Apoptosis), по „Батанија“ и „Горчливи бадеми“ (Bitter Almonds). Албумот, како и претходните два, го издаде „Мач прифр рекордс“ , го продуцираа Тома Фуџивара и Крсте Роџевски, а го миксаше легендата Бил Ласвел. Импресивната екипа музичари на оваа плоча, предводена од Роџевски, ги вбројува Мери Халворсон (гитара), Крис Дејвис (пијано), Ингрид Лауброк (саксофон), Брајан Драј (тромбон), Мајкл Бланко (бас) и Тома Фуџивара (тапани).

    Откако беше објавен на 25 мај, албумот добива одлични рецензии во САД.

    „Пејачот-кантавтор Крсто Роџевски ги сними претходните два албуми со прогресивна екипа на музичари од њујоршката џез сцена. Само погледнете го овој состав: Ингрид Лоброк на саксофон, Брајан Драј на тромбон, Мери Халворстон на гитара, Крис Дејвис на пијано, Мајкл Бланко на бас и Томас Фуџивара на тапани. Музиката, иако повеќе соодветствува со параметрите на инди рокот отколку џезот, се издигнува и тече, на периоди пукајќи на рабовите. Гласот на Роџевски е назален и малку откачен, ме потсетува на Џон Дарниел или Џон Линел, но многу добро се вклопува во кабаре-џез-фолк аранжманот“, беше дел од рецензијата на популарниот музички портал „Стереогам“.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира