КОЈ НЕ САКА БРАК НЕКА ОДИ В МАНАСТИР, ГИ ПОУЧИ МЛАДИТЕ ВЛАДИКАТА ПЕТАР НА ВЕРСКИ ПРАЗНИК ВО БИТОЛА

    КОЈ НЕ САКА БРАК НЕКА ОДИ В МАНАСТИР, ГИ ПОУЧИ МЛАДИТЕ ВЛАДИКАТА ПЕТАР НА ВЕРСКИ ПРАЗНИК ВО БИТОЛАМитополитот преспанско-пелагониски Петар на утринската литургиј за одбележување на заштитникот на Битола Свети Нектариј (Фото: СДК.МК)

    Митополитот преспанско-пелагониски Петар  ги повика младите или рано да се женат и мажат и да формираат здрави семејства, пред сѐ духовно и физички и интелектуално, а потоа ако некој „не е да се жени или да се мажи, имаме сто манастири во епархијава да го наполниме барем нив“. Владиката, познат по радикално конзервативни и често дискриминирачки ставови и противник на женските права, ова го кажа на денешното одбележување на заштитникот на Битола Свети Нектариј.

    „Инаку животот е бесцелен ако луѓето не ја постигнат целта, а таа е спасение на душите, а спасението се постигнува на два начина – преку заедницата брачна или преку посветувањето на бога како монаси или монахињи“, рече владиката Петар.

    Тој апелираше до младите да го следат примерот на заштитникот на Битола Нектариј, кој бил побожен и се замонашил, да се запазат христијанските вредности во услови кога семејствата се распаѓаат, има сѐ повеќе разводи на браковите, како и немажени, неженети возрасни луѓе.

    Владиката уште рече да не кукаме по младите кои заминаа, туку тука да им создадеме услови да останат.

    „Не да жалиме и кукаме како ни отидоа младите, тие отидоа и ќе одат, туку да почнеме вистински да направиме услови за нивно враќање во татковината. Треба да направиме и нешто за материјалниот опстој на младите тука да останат и да не одат во светот по желбите, туку да се задоволни ако ги имаат основните услови и потреби. Ако живееме според потребите тогаш нема да ја напуштиме земјата, ако живееме според желбите цел свет да ни го дадат ќе ни биде малку“, рече Петар, кој како владика на Австралиската епархија со години е во судски спорови за преземање имот од австралиската дијаспора, а на 18 април беше задржан на Меѓународниот аеродром Скопје по барање на Финансиската полиција.

    Владиката на МПЦ-ОА , кој е истакнат застапник против абортусот, и во други наврати ги повикувал младите за зголемување на наталитетот. Пред пет години, кога актуелен беше новиот Законот за прекин на бременоста што го донесе владата на ВМРО-ДПМНЕ додека министер за здравство беше Никола Тодоров со кој се ограничи правото на абортус, владиката Петар својот став го поткрепи со бизарен пример за холивудската легенда Мерлин Монро, која се самоуби на 36 години.

    „Познатата глумица Мерлин Монро заради кариерата како актерка не сакала да раѓа деца. Нејзиниот живот завршува со самоубиство како последица на тоа што одлучила да се направи хируршки зафат да не може понатаму да раѓа, а потоа откако се јавиле чувството и желбата за мајчинство да роди деца, тогаш било доцна и затоа и завршила така трагично“, рече Петар.

    Ж. ЗДРАВКОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира