Американските власти ѝ одобрија виза на Јеменката која бараше дозвола да дојде во Калифорнија, за да си го види детето на умирање.
Шаима Свиле, која моментално живее во Египет, во прв момент беше одбиена за виза поради забраната што за Јемен ја воведе администрацијата на Трамп, по што властите се најдоа под голем притисок на јавноста. Нејзиниот сега двегодишен син Абдула Хасан е роден со болест на мозокот и лекарите кажаа дека нема шанси да преживее.
Според непрофитната организација која ја застапува Свиле, таа вечерва треба да пристигне во Сан Франциско за да го види синот, пред да бидат исклучени апаратите за одржување во живот.
„Ова е најсреќниот ден во мојот живот. Ова ќе ни овозможи достоинствено да тагуваме. Нашиот син нема уште многу време и затоа беше важно ова итно да се реши“, изјави таткото на малиот Абдула, 22-годишниот Али Хасан.
Абдула и Али имаат американско државјанство, додека Шаима е жителка на Јемен, кој, заедно со Иран, Северна Кореја, Венецуела, Сирија, Либија и Сомалија, се најде на листата земји, на чиишто државјани Трамп им забрани влез во САД.
Семејството се преселило во Египет бегајќи од војната во Јемен кога Абдула имал само осум месеци. Тој има тешка болест која му го оневозможува дишењето и пред три месеци бил донесен на лекување во САД, но лекарите во Оукленд заклучиле дека нема спас.