Барам судијке Добрила Кацарска три минути од вас да ми дозволите да оставам поинаква трага во ова судење, рече обвинетиот Јане Ченто, кој е еден од 11-темина кои сè уште се во притвор за организираниот напад на Собранието на 27 април 2017 година.
„Лично сакам вие судијке Кацарска и овој совет да ме судите, а не политичките елити кои го донесоа законот за селективна амнестија. Сакам да кажам дека доверба имам само во вас, зашто најмногу вие сакате да се дознае вистината за овој настан и да има правда. Точно е дека сме влегле во Собранието понесени од емоции, ама треба да се утврди точно кој што направил. Но само вие имате право да не судите и никој друг, а најмалку политичарите, и тоа во недокрај завршена постапка. Време е да докажеме како држава дека има владеење на правото. Јас нема да поднесам барање за амнестија, вие судете ме и кажете дали сум виновен или не”, рече Ченто, еден од 33-цата обвинети за терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста, а Кацарска сето ова го напиша во записникот.
По него стана обвинетиот Игор Југ.
„Го поддржувам Ченто во сè што кажа во однос на довербата кон судот. Ниту јас нема да побарам амнестија и ќе очекувам вие да донесете одлука. Не го признавам законот за амнестија и нема да дозволам да бидам монета за поткусурување”, се обрати Југ, кој исто така беше нотиран во записникот.
По нивните искази, завладеа молк во судницата.
„Советот нема надлежност да одлучува за барањата за амнестија, се знае кој ќе го прави тоа”, рече Кацарска.
По ова, таа го продолжи судењето.
С. К. ДЕЛЕВСКА