Првите импровизирани едрилици запловиле по Охридското Езеро во 1937 година. Тоа биле кајчиња на кои било поставено платно. На градското пристаниште се собрале бројни охриѓани кои сакале да го видат тоа чудо, бидејќи до тогаш знаеле само за пловила кои се движеле со помош на весла. Први сопственици на вакви едрилици биле познатите охриѓани Демостен Манев и Димитар Јанко.
„Едрилиците ги изградил Марко Сершиќ. Кобилиците биле изградени од делови од шини, цели биле дрвени, со дрвени јарболи и со платно како едра”, појаснува Стефан Ставрев, искусен едриличар, кој дополнува некои историски факти за едрењето.
Според достапните оскудни податоци, вистинското едриличарството во Охрид почнало да се развива некаде во 1950-ите години. Во тој период доаѓа инструктор од Црна Гора, а до тогаш одговорен за неговиот развој бил извесен Тевчев од Скопје. Активностите се одвивале во рамките на тогашната Народна техника.
„Според кажувањата на старите едриличари, на иницијатива на тогашниот Бродарски сојуз на Југославија од Бока Которска доаѓа Божо Наварин. Тогаш во Охрид почнал масовниот развој на едрењето. Тој организирал двомесечен зимски курс, што го посетувале млади и талентирани охриѓани, главно ученици во Охридската гимназија. Наварин во Охрид донел и две едрилици од типот ‘шљука‘, што биле вистинска атракција за Охрид”, вели Ставрев.
Во 1951, во Охрид доаѓа и инструкторот-бродоградител Марко Сершиќ, исто така по потекло од јадранското приморје. Тој ја унапредил работилницата во којашто се граделе едрилици, кајаци и кајчиња. Самиот Сершиќ кажувал дека бил подготвен да изгради и големи бродови.
„Генерации охридски едриличари пренесуваат едни на други дека Сершиќ многу брзо и лесно научил повеќемина млади охриѓани на тајните на градење едрилици. Под негово раководство биле обучени Љупчо Џамбаз, Ајри Доко, Никола Киселин, Никола Ристески, Ристо Малезан и Антон Лаброски. Кон крајот на 1950-те и во почетокот на 1960-те години, во Охрид имало околу 40 едрилици”, кажува Ставрев.
Курсевите по едрење се одржувале во објекти што биле близу пристаништето.
„Курсевите се одржувале во куќата на Гинековци, кај градскиот плоштад и во просторијата каде што некогаш беа сместени веслачите. Едриличарите полагале и посебен испит, при што се барало да знаат и да пливаат. Од таа школа стасале асови како Павел Мишев, Славе Филев, Нико Нестор, Климе Савин, Ванчо Видич и Ристе Котели. Токму Котели во 1951 година го освои третото место на ниво на Југославија во класата корнат”, вели Ставрев.
Првите прави едрилици кои пловеле во водите на Охридското Езеро во 1949-50 година биле од типот „шљука”, „јола”, „пионерка”, „ел-5” и олимписка „стела”.
По многу подеми и падови, па дури и згаснување на сите активности во 1990 година, едрењето повторно заживеа во 1999 со ангажман на едриличарите Стефан Ставрев, Петар Паунчески, Мартин Пејоски, Иван Боев, Стефчо Јованоски, Борис Маленко, Виктор Филипче и Гоце Недески, сите членови на „Стрмец”. На 26 декември 2003, тие формираа нов клуб, под името „Бофор”.
Клуч на легендарната работилница за изработка на едрилици во Охрид ставил познатиот градител Љупчо Џамбаз. Пред повеќе од една деценија, тој за последен пат се обидел да реставрира една стара едрилица од типот „стела”.
„Сега постои здружение за спортско едрење ‘Акватика јахтинг‘, со седиште на плажата Горица 1. Има над 50 членови, со активна школа за едрење за деца од 7 до 18 години, но и за возрасни. Огромна поддршка клубот добива од Холандија, од вљубеникот во Охрид Хуго Схарф, кој донираше над 20 едрилици за школата за едрење за деца”, вели претседателот на „Акватика јахтинг”, Стефан Ставрев.
„Акватика јахтинг“ денес организира и државни првенства и меѓународни регати.
Д. ЧУБРИЌ