По четири години чекање, велешката болница доби лифтови.
Лифтот за посетителите беше долги години расипан, додека лифтот за пациентите и за персоналот повеќе не работеше, отколку што работеше. Новите два лифта се монтирани во инвестиција вредна 80.000 евра, обезбедени од буџетот на ЈЗУ Општа болница Велес.
„Процедурата е завршена, добиени се сите дозволи и лифтовите се ставени во функција. Замената заврши, малиот лифт е за посетителите, додека големиот е за лежечки пациенти и за службите на болницата“, кажа директорот Димитар Стровјаноски.
За да не дојде до оштетувања, двата лифта ќе бидат соодветно обележани, а портирите имале и обука за нивно користење. В година ќе се работи и на најавениот панорамски лифт. Поради тоа што лифтовите не работеа, болницата не можела да ја обнови акредитацијата, но директорот најави дека наскоро ќе ја добијат и тоа не за период од една година, туку за подолго.
Во последните два месеци додека траеше монтажата на лифтовите, Интерното одделение беше преселено на втори кат. Така ќе остане и во наредниот период. Причината е што на четврти кат сега е преселено Инфективното одделение.
„Од пред еден месец, Инфективното одделение, кое е во кругот на болницата, е преместено на четврти кат. Претходно, и покрај користењето на големи количини енергенси и на дополнителни грејни тела, температурата не се качуваше над 17 степени. Кровот е саниран, остануваат дограмата и термоизолациската фасада, што ќе се работат следната година“, кажа д-р Стровјаноски.
П. ПЕЧКОВ