Пијано виртуозот Симон Трпчески на 1 јануари ќе ја почне концертната година со два настапи во еден ден во Операта во Хановер.
„Иако сум типичен Македонец кој сака да си одмори и да си ја прослави Новата година така како што сме си навикнати, добив покана од хрватскиот диригент и мој драг соработник и пријател Иван Репушиќ, кој е шеф-диригент на Операта во Хановер за два новогодишни концерти. Со задоволство ја прифатив неговата покана и на двата концерти во еден ден, пладневен и вечерен, ќе настапам во изведбата на ’Рапсодијата во сино’ од Џорџ Гершвин“, вели Трпчески за Македонското радио.
Пијанистот додава дека и следните празници ќе ги помине работно, па така пред Стара Нова година, по пауза од неколку години се враќа во Линколн центарот со три концерти со Њујоршката филхармонија. Со чешкиот диригент Јакуб Хруша ќе го изведат Концертот број 3 за пијано и оркестар на Прокофјев.
Следи нов настап во Белфаст со Вториот концерт на Брамс, потоа 2 концерти во Норвешка со Филхармонискиот оркестар на Осло кој ја одбележува својата стота годишнина.
„Веднаш потоа со овој оркестар под диригентство на Василиј Петренко заминуваме на турнеја низ Шпанија токму со изведба на двата концерти од Брамс. Во февруари, следат изведбите на Концертот број 3 од Рахмањинов со Чикашкиот симфониски оркестар на нивната матична сцена, а следат и три концерти во Милвоки. Ми претстои и нов концерт со Лондонскиот симфониски оркестар во ‘Барбикан‘. Посебно се радувам на мојот прв настап во Порторико, како своевидна подготовка за чикашките концерти“, вели Трпчески, пренесувајќи ги своите новогодишни желби до македонската публика за одлично здравје, помалку затеченост и збунетост, а повеќе отворен ум, себепочитување и мудрост.