Денеска од 8 до 12 часот во здравствените домови во Скопје вакцинирани се 267 деца со МРП вакцината. Во поликлиниките каде се врши вакцинација „Букурешт“, „Бит Пазар“ и „Јане Сандански“ се воведува и втора смена односно вакциналните пунктови ќе работат до 19 часот.
По појавата на 12 новозаболени од мали сипаници во повеќе скопски општини, вчера Министерството прогласи епидемија на мали сипаници и донесена е наредба градинките да не ги примаат децата кои немаат примено вакцина против морбили.
„Апелира до сите родители да ги вакцинираат децата со МРП вакцина. Потсетуваме дека сè уште е на сила наредбата дека децата, кои се невакцинирани нема да бидат примени во детските градинки, со цел да се спречи ширењето на епидемијата прогласена во Скопје. До овој момент е добиена лабораториска потврда за две лица, од шесте новозаболени, додека за две од нив резултатите се негативни, а кај еден случај на дете за кое се прават дополнителни лабораториски испитувања“, велат од Министерството за здравство.
Казните за родителите кои нема да ги вакцинираат децата се движат од 350 до 650 евра.