ВАКЦИНАЦИЈА И НА БОЖИК, ЗА 4 ДЕНА 1.079 ДЕЦА ВАКЦИНИРАНИ СО МРП ВАКЦИНАТА

    ВАКЦИНАЦИЈА И НА БОЖИК, ЗА 4 ДЕНА 1.079 ДЕЦА ВАКЦИНИРАНИ СО МРП ВАКЦИНАТАПунктовите за вакцинација во поликлиниките Букурешт, Јане Сандански и Бит Пазар ќе работат и на Божик од 7.30 до 13 часот (Фото: СДК.МК)

    Во дежурните пунктови за вакцинација во поликлиниките „Јане Сандански“, „Букурешт“ и „Бит Пазар“ денес со вакцината МРП (морбили, рубеола, паротит) вакцинирани се 21 дете, со што од прогласување на епидемијата на мали сипаници во Скопје на втори јануари досега вкупно се вакцинирани 1.079 деца. Освен што беше прогласена епидемија, Државниот санитарен и здравствен инспекторат донесе наредба да не се примаат невакцинирани деца во градинките.

    Дежурните пунктови во поликлиниките „Букурешт“, „Јане Сандански“ и „Бит Пазар“ ќе работат и на Божик, но само прва смена од 7.30 до 13 часот.

    Од Министерството за здравство велат дека во моментов нема нови потврдени случаи на новозаболени од мали сипаници.

    „Апелираме до сите родители да ги вакцинираат своите деца. МРП вакцината е висококвалитетна, производител е компанијата ‘Глаксо Смит Клајн’ од Белгија“, велат од Министерството за здравство.

    Вчера Министерството за здравство соопшти дека МРП вакцините со кои се вакцинираат децата не се со истечен рок на трање.

    „МРП вакцините Priorix со кои се вакцинираат децата во Скопје и во другите градови од земјава се набавени со тендерот распишан 21.10.2016 година, со склучени договори на 21.03.2017 година. Вакцините кои се во употреба се Priorix, се со сериски број АМЈРД512АА со рок на траење 07.2019 година и сериски број A69CE583A со рок на траење 05.2019 година. Во тек е континуирана набавка на вакцини, за имунизација на населението во Република Македонија за период од јули 2018 до јуни 2020 година со повеќегодишна јавна набавка, кое Министерството за здравство ја реализира секои две години, а техничкиот дијалог за оваа набавка е објавен на 27.10.2018“, соопшти Министерството.

    На Клиниката за инфективни болести во Скопје се хоспитализирани осум лица, од кои седум деца и еден возрасен.

    Епидемијата на мали сипаници во Скопје Министерството за здравство заедно со Комисијата заразни болести и Државниот санитарен и здравствен инспекторат ја прогласи пред четри дена, откако беа регистрирани 12 новозаболени од морбили во скоро сите општини во градот.

    Институтот за јавно здравје по теренската проверка утврди дека од 104.800 деца во Скопје на возраст до 14 години 15.000 немаат примено вакцина.

    Причината за малиот опфат на вакцинирани деца според здравствените власти се антивакциналните кампањи, а министерот за здравство Венко Филипче најави дека ќе инсистира на законски измени, со кои деца кои не се вакцинирани нема да може да посетуваат училиште и градинка.

    Е. БОЧВАРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира