ВАКЦИНИТЕ СЕ БЕЗБЕДНИ И СО ВАЖЕЧКИ РОК НА ТРАЕЊЕ, ПОКАЖА ВОНРЕДНИОТ НАДЗОР НА МИНИСТЕРСТВОТО ЗА ЗДРАВСТВО

    ВАКЦИНИТЕ СЕ БЕЗБЕДНИ И СО ВАЖЕЧКИ РОК НА ТРАЕЊЕ, ПОКАЖА ВОНРЕДНИОТ НАДЗОР НА МИНИСТЕРСТВОТО ЗА ЗДРАВСТВО„Родителите и граѓаните може да бидат спокојни и слободно да продолжат со редовната имунизација на децата. Вакцините во вакциналните пуктови се со проверен квалитет и безбедност и во исправен рок на траење“, велат од Министерството за здравство (Фото: Министерство за здравство)

    Вонредниот инспекциски надзор покажа дека вакцините за МРП (морбили, рубеола и паротит) се со важечки рок и целосно се безбедни, соопшти Министерството за здравство.

    „Вонредниот надзор кој беше направен изминативе два дена го изврши комисија формирана по барање на министерот за здравство Венко Филипче. Контрола беше направена во повеќе вакцинални пунктови и беа детално исконтролирани фабричките рокови втиснати на сите кутии и на внатрешните пакувања од страна на производителот. Утврдено беше дека сите вакцини се со важност до мај 2019 година, односно јули 2019 година“, соопшти Министерството за здравство.

    Надзорот констатирал дека увозникот на вакцините направил технички пропуст.

    „Увозникот, компанијата ’Македонија лек‘, кај мал број од пакувањата залепила стари декларации. Залепените декларации биле од претходниот увоз кој бил со важност до октомври 2018 година. За оваа констатација на инспекцијата ја информиравме и компанијата. Родителите и граѓаните може да бидат спокојни и слободно да продолжат со редовната имунизација на децата. Вакцините во вакциналните пунктови се со проверен квалитет и безбедност и со исправен рок на траење“, велат од Министерството за здравство.

    Од прогласување на епидемијата на мали сипаници пред пет дена досега вакцинирани над 1.100 деца, а засега нема нови случаи на заболени од морбили. Епидемијата беше прогласена откако за два дена беа регистрирани 12 заболени од мали сипаници од кои 10 деца и двајца возрасни. За 6 од нив уште веднаш имаше потврда дека се заразени, за двајца потврдата стигна неколку дена подоцна, а за двајца лабораториските испитувања беа негативни.

    „Апелираме до сите родители да ги вакцинираат своите деца. МРП вакцината е висококвалитетна, производител е компанијата ‘ГлаксоСмитКлајн’ e од Белгија. Вакциналните пунтови во поликлиниките ’Букурешт‘, ’Бит Пазар‘ и ’Јане Сандански‘ од утре ќе работат во две смени, од 7.30 до 19 часот“.

    Завчера Министерството за здравство соопшти дека МРП вакцините со кои се вакцинираат децата не се со истечен рок на траење.

    „МРП вакцините ‘Приорикс’ со кои се вакцинираат децата во Скопје и во другите градови од земјава се набавени со тендерот распишан 21.10.2016 година, со склучени договори на 21.03.2017 година. Вакцините кои се во употреба се ‘Приорикс’, се со сериски број АМЈРД512АА со рок на траење 07.2019 година и сериски број A69CE583A со рок на траење 05.2019 година. Во тек е континуирана набавка на вакцини, за имунизација на населението во Република Македонија за период од јули 2018 до јуни 2020 година со повеќегодишна јавна набавка, кое Министерството за здравство ја реализира секои две години, а техничкиот дијалог за оваа набавка е објавен на 27.10.2018“, соопшти Министерството.

    Е. БОЧВАРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира