Компанијата „Македонијалек“, која е увозник на вакцините МРП (морбили, рубеола, паротит) соопшти дека по информациите во јавноста оти вакцините кои ги увезува се со поминат рок направила внатрешна контрола, која утврдила дека сите вакцини се со важечки рок и безбедни за користење.
„Контролата покажа дека сите МРП вакцини од марката ‘Priorix’, кои нашата компанија ги дистрибуира се со важечки рок и сигурни за користење. На вакциналните пунктови има дистрибуирано вакцини од две серии, едната со важност до мај 2019 година, а другата до јули 2019“, велат од „Македонијалек“.
Компанијата се извини за техничкиот пропуст за кој информираше вчера Министерството за здравство, односно вонредната контрола што ја направи комисија формирана по барање на министерот за здравство Венко Филипче, која утврдила дека на дел од вакцините има стари декларации, додека на внатрешното пакување и на самите вакцини рокот на траење не е поминат.
„При контролата, откриена е помала техничка грешка која вработените ја направиле при аплицирање на декларациите. Кај мал дел од пакувањата се аплицирани старите декларации со датумот од претходниот увоз, односно октомври 2018. Нашата компанија се извинува за овој пропуст и непријатностите кои биле предизвикани. Овие пакувања се веднаш повлечени, за да не се прават понатамошни забуни во јавноста и соодветно ќе бидат заменети. Граѓаните може да бидат сигурни дека сите вакцини се со врвен квалитет и важечки рок. Оваа вакцина нашата компанија ја увезува од 2016 година и истата во континуитет, непрекинато се испорачува до здравствените установи со стандарден квалитет. ‘Македонијалек’ стои на располагање за соработка со институциите за целосно расчистување на овој случај“, се вели во соопштението од „Македонија лек“.
Е. БОЧВАРОСКА