Фирмата „Пелагонија Гостивар“ треба да врати 1,5 милиони евра на Општина Центар кои ги доби по тужбата за раскинување на договорот за изградбата на катната гаража кај зградата на поранешна „Нова Македонија“ од времето на ексградоначалникот Андреј Жерновски. По жалбата на Општината пред Врховен суд, пресудата е поништена и постапката вратена на почетокот.
Поради тужбата на „Пелагонија“ односно повлекувањето на парите летоска сметката на Општина Центар две недели беше блокирана. Поради тоа имаше застој во исплатата на обврските и платите.
„Сега градежна фирма ’Пелагонија Гостивар‘ треба да ни ги врати 96 милиони денари кои со извршител беа симнатите од сметката на Општината во јули лани. Постапката е вратена од почетокот и сметам дека имаме доволно аргументи да биде пресудата во наша корист. а со тоа Општината нема да биде оштетена односно нема да плаќа 1,5 милиони евра кои можеме да ги искористиме за многу значајни капитални проекти“, вели градоначалникот на Општина Центар Саша Богдановиќ.
Општина Центар стави камен темелник на катната гаража кај „Нова Македонија“ во февруари 2013, кога градоначалник беше Владимир Тодоровиќ, непосредно пред локалните избори кои се одржаа во март таа година. Изградбата требаше да чини 4 милиони евра, за што Општината подигна кредит. Гаражата требаше да биде во барок стил и на 7 ката.
На изборите, за градоначалник на Центар беше избран Андреј Жерновски како кандидат на СДСМ, кој само неколку месеци по доаѓање на функцијата најави дека ќе ја стопира изградбата на катната гаража, а парите ќе ги пренамени за изградба на училиште во населбата Капиштец.
„Сметам дека на жителите на општина Центар не им е неопходна уште една катна гаража туку ново училиште и градинки. Затоа нема да ја градиме катната гаража туку парите од кредитот ќе ги пренамениме за новото училиште во Капиштец“, изјави во декември 2013 тогашниот градоначалник Андреј Жерновски.
А. АНТЕВСКА