Шарената револуција го одбрала споменикот на Прометеј за уривање оти бил симбол на кичот. Обидот да се урне споменикот во паркот „Жена-борец“ во понеделникот заврши неуспешно, но шарените се убедени дека успешно ја пратиле пораката за уривање на власта.
Зошто Шарената револуција во понеделникот од сите споменици што се дел на контроверзниот проект Скопје 2014 се обиде да го урне баш Прометеј спроти Собранието?
Исмевањето со споменикот почна со самото негово поставување во 2012 година. Тогаш, на некоја женска организација, за која никогаш не се дозна која е, веднаш откако беше поставен за да му ја покријат машкоста, му додадоа гаќи. Образложението беше дека не било вкусно некој да одмора во паркот спроти Собранието и да гледа во гол маж.
Со овој споменик јавно се мајтапеше и поранешниот шведски амбасадор, Ларс Валунд. На забавата за крај на неговиот амбасадорски мандат во јуни 2013 година, амбасадорот Валунд откри пред гостите жива скулптура качена на балконот на вилата, која наликуваше на Прометеј. Скулптурата на лицето носеше маска со ликот на амбасадорот, беше облечена во бел комбинезон, место гаќи носеше пелена, и во едната рака, високо крената, држеше пластично пивско шише.
Амбасадорот Валунд рече дека одлучил да се пошегува, оти сакал да остане запаметен по нешто интересно и необично пред да си замине од Македонија.
„Ова е мојот последен национален празник на Шведска во Македонија. Размислував што да направам за да ве изненадам, и на крај одлучив дека ќе ме запаметите со девојки во базен и со ваква скулптура. Неа, пред да заминам, може да му ја подарам на британскиот амбасадор бидејќи сме соседи, па ако сака може тој да ја земе”, на шега рече Валунд на забавата која се одржа во резиденцијата на Водно.
Но Прометеј и сосе гаќи ги засрами жените во мај годинава. По еден од протестите на Шарената револуција кога споменикот беше измачкан со боја, група мајки на ученици од неколку скопски школи, организирани од учителките и директорите на школите дојдоа да го исчистат, но ниту една не извади сунѓер. Им било непријатно оти пред тие да стигнат, кај Прометеј веќе беа дојдени неколку медиуми со камери за да го снимат чистењето.
Автор на скулптурата Прометеј, сосе корекцијата за гаќите, е Томе Аџиевски.