ИВАНОВ СЕ ЗАКАНИ СО АРМИЈАТА

    ИВАНОВ СЕ ЗАКАНИ СО АРМИЈАТА

    Претседателот Ѓорге Иванов рече дека во Македонија се води специјална војна и се закани дека ако требало ќе ја употребел и Армијата на Република Македонија, во обраќањето до нацијата во полувремето од фудбалскиот натпревар Португалија – Унгарија на Европското првенство во фудбал. Обраќањето беше поради завршената расправата во Собранието за импичмент на шефот на државата.

    „Во Македонија се води специјална војна како дел од стратегиите за предизвикување на тензии и воспоставување на постојани политички кризи со технички влади за неможност во справување со закани и доведување во положба на потчинетост“, рече тој.  Објаснувајќи зошто ја донел оудлуката од 12 април за аболиција на 56 политичари и нивни соработници осомничени или под истрага од Специјалното јавно обвинителство за криминал кој произлегува од прислушуваните разговори, тој рече дека нешто морал да преземе за да се спречи најлошото.

    Тој ги повика партнерите да не ја користат состојбата за остварување свои интереси и правдајќи ја одлуката за аболиција објасни што сакал да постигне:

    „Првата опција беше да дејствувам реактивно. Тоа подразбираше да стојам по страна, и да чекам се додека состојбата во Македонија не ескалира. Тогаш ќе морав да ја ангажирам Армијата за смирување на состојбата. Но, со тоа ќе ја оставев јужната граница незаштитена и отворена за илегална миграција. Тоа ќе беше сигнал за милиони потенцијални мигранти дека Балканскиот коридор е повторно отворен. Тогаш Македонија ќе беше преплавена со мигранти.

    Втората опција беше превентивна. Тоа подразбираше да наметнам нови правила на наметнатата игра со Македонија. Да превземам контрола врз играта и да обезбедам предност за Македонија“, објасни тој.

    Иванов рече дека во моментот на аболицијата на јужната граница илјадници мигранти се обидувале насилно да ја срушат заштитната ограда, да ја преплават територијата на државата, за да го отворат балканскиот мигрантски коридор кон Европа. „Армијата и полицијата спречија над 15.000 обиди за илегален премин на границата“, рече тој.

    Тој откри и дека на северната граница имало упад од четириесетчлена вооружена, насилно-екстремна група која имала за цел да изврши осветнички терористички акти за полициската акција од 9 мај 2015 година во Куманово.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира