НЕМА НА КОГО ДА ГИ ОСТАВИМЕ АЛАТИТЕ – ВЕЛЕШКИТЕ ЗАНАЕТЧИИ КОИ РАБОТАТ СО ЖЕЛЕЗО ТРАДИЦИОНАЛНО СЕ ДРУЖЕА ЗА ВАСИЛИЦА

    НЕМА НА КОГО ДА ГИ ОСТАВИМЕ АЛАТИТЕ – ВЕЛЕШКИТЕ ЗАНАЕТЧИИ КОИ РАБОТАТ СО ЖЕЛЕЗО ТРАДИЦИОНАЛНО СЕ ДРУЖЕА ЗА ВАСИЛИЦАСпоред традицијата, занаетчиите прво одат во манастирот Св. Димитрија, а потоа ја продолжуваат дружбата во ресторан (Фото: СДК.МК)

    Велес отсекогаш бил град на занаетчии. Традицијата на нивно собирање не е прекината ниту по еден век другарување и забава. Некои занаети изумирале, други се раѓале, а занаетчиите од градот секогаш се дружеле. Така е и за Василица, кога се собираат занаетчиите кои работат со железо. Прво во манастирот Св. Димитрија, а потоа во ресторанот „Глориус“, околу 150 занаетчии од Велес се дружеа и забавуваа.

    Кум на годинашната манифестација беше Николче Тодоров, кој се занимава со ролетарство. Тој лани доброволно се пријавил да биде домаќин.

    „Празнувањето на Василица е наш празник. Денеска тука има автомеханичари, бравари, електричари, лимари, мајстори со пвц. Јас работам со алуминиумски ролетни, па спаѓам во оваа бранша. Прво одиме на манастир, како што било од века. Се носи леб, погача и попот го пее. Кога ќе завршиме, се собираме тука и прославуваме“, вели кумот Николче.

    Меѓу гостите беше и најстариот мајстор во Велес, 86-годишниот дреар Кире Џунџев. Цел живот, од 14-годишна возраст, го посветил на овој занает. Вели дека ова е вековна традиција во Велес, да се собираат мајсторите кои работат со железо, иако останале уште малку ковачи, лимари, тенеќичии.

    „Како дете во 1946 ме испратија за Полска да учам, две деца бевме. Соученикот Боре Матев замина во Америка и таму има фабрика. Учевме две години, па се скаравме со Русите во 1948 и се дообразувавме во фабриката ТАМ во Марибор. Мајстори ни беа Германци, инженери кои нѐ научија на овој занает. Работев во ‘Брако‘, ‘Киро Ќучук‘, работев и дома на дребунг. Работам и денес. Со овој занает одгледав фамилија, деца израснав и жално е што денес младиве не сакаат да учат. Една мајка го нема донесено детето да рече ‘научи го, нека знае занает‘. А, работа има, на кого ќе ги оставам алатите“, со тага вели Џунџев.

    Годинашниот кум беше Николче Тодоров (стои), а меѓу гостите беше и најстариот мајстор во Велес, 86-годишниот Кире Џунџев (прв од десно) (Фото: СДК.МК)

    Новото време раѓа нови занаети. Имаше мајстор кој поправа турбокомпресори, што го има во новите модели на автомобили, а наспроти него, занает стар со години. Меѓу присутните беше и Благој Павловски, кој поправа велосипеди.

    „Ова сервисирање е традиција од татко ми. Како дете, некаде во 50-ите години, на манастир бев со татко ми и ми остана во сеќавање. Кога во 2004 станав стечаец и се затвори ХИВ, го продолжив занаетот. Велешани сакаат да возат точак, тоа е најевтино и најздраво превозно средство и работа има. Старите решиле на овој ден да се собираат, еден ден во годината да се дружат и решаваат свои проблеми, но и да се забавуваат“, вели Павловски.

    П. ПЕЧКОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира