ЏАФЕРИ ГО ИСПРАТИ ВО СЛУЖБЕН ВЕСНИК ЗАКОНОТ ЗА УПОТРЕБА НА ЈАЗИЦИТЕ ШТО ИВАНОВ НЕ ГО ПОТПИША

    ЏАФЕРИ ГО ИСПРАТИ ВО СЛУЖБЕН ВЕСНИК ЗАКОНОТ ЗА УПОТРЕБА НА ЈАЗИЦИТЕ ШТО ИВАНОВ НЕ ГО ПОТПИША„Законот за употреба на јазиците и во Службен весник“, напиша вечерва спикерот Талат Џафери на својот фејсбук профил. (Фото: Фејсбук на Талат Џафери)

    Претседателот на Собранието Талат Џафери вечерва во Службен весник го испратил Законот за употреба на јазиците, кој претседателот Ѓорге Иванов одби да го потпише иако беше донесен по вторпат на 14 март 2018.

    Со овој закон, албанскиот јазик ќе се употребува рамноправно во сите општини и во органите на државната управа, на чело со Собранието и Владата.

    „Законот за употреба на јазиците и во Службен весник“, напиша вечерва спикерот Џафери на својот фејсбук профил. Објавата е на два јазика, на албански и на македонски. Покрај објавата на албански, Џафери ставил и знак на албанското знаме. Објавата е проследена со фотографија од Џафери кој потпишува документ.

    Опозициската ВМРО-ДПМНЕ вечерва со соопштение го предупреди директорот на Службен весник Мартин Костовски, дека објавувањето на Законот за јазици е кривично дело кое не застарува и за кое се лежи казна затвор што ја носи директно директорот на Службен весник, а потоа и сите инволвирани.

    „Сите инволвирани ќе сносат одговорност за насилното кршење на законите, процедурите и уставноста при носење на истите закони. СДСМ уште еднаш ја силува демократијата и го руши правниот поредок во Република Македонија.Веднаш по промената на името, Владата на СДСМ на незаконски и насилен начин ја прави Република Македонија двојазична држава“, соопшти ВМРО-ДПМНЕ.

    Собранието првпат го изгласа Законот за употреба на јазиците на 11 јануари 2018, но откако Иванов одби да го потпише, го изгласа по вторпат  на 14 март, со 64 гласа „за“ без да ги разгледа илјадниците амандмани на ВМРО-ДПМНЕ. Веднаш по гласањето, пратениците на ВМРО-ДПМНЕ застанаа пред претседателот Џафери, а пратеникот Никола Груевски се качи на подиумот кај спикерот и пробуваше да му ја извади картичката за гласање, но не успеа, бидејќи пред него застана собраниското обезбедување. Претходно, Груевски го испрска со вода Џафери, па му ја извади картичката за гласање, по што Џафери даде пауза и стана да си оди, но беше запрен од поранешниот лидер на ВМРО-ДПМНЕ, при што дојде до турканица меѓу нив двајца. Собраниското обезбедување интервенираше и ги раздели пред да дојде до тепачка.

    Џафери, на брифингот со новинарите на крајот на април лани најави дека ќе го прати Законот за употреба на јазиците до Службен весник, но не кажа кога. Според Џафери, претседателот Ѓорге Иванов го прекршил Уставот со одбивањето да го потпише указот за Законот, па не е кривично дело тоа што тој упатува на овој закон да се објави. Џафери го повтори ставот дека нема да стави потпис во име на друг.

    Директорот на Службен Весник Мартин Костовски, во јули по најавата на Џафери дека ќе ги прати Предлог-законот за ратификација на Договорот со Грција и Законот за употреба на јазиците за објавување без потпис на претседателот Иванов, за медиумите изјави дека Службен весник како институција нема да ги спречи прогресивните и напредни процеси во државата.

    „Ќе се водам по сите позитивни правни прописи во Република Македонија, но притоа Службен весник како институција воопшто нема да биде пречка за напредните и прогресивни процеси во кои тргнува Република Македонија“, изјави тогаш Костовски.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира