ЌЕ ИНСИСТИРАМ НА МАКСИМАЛНИ КАЗНИ ЗА ПОГРЕШНИТЕ ДЕКЛАРАЦИИ НА ВАКЦИНИТЕ ЗА МАЛИ СИПАНИЦИ, ВЕЛИ ФИЛИПЧЕ

    ЌЕ ИНСИСТИРАМ НА МАКСИМАЛНИ КАЗНИ ЗА ПОГРЕШНИТЕ ДЕКЛАРАЦИИ НА ВАКЦИНИТЕ ЗА МАЛИ СИПАНИЦИ, ВЕЛИ ФИЛИПЧЕ„Ќе инсистираме да биде максималната казна за веледрогеријата 'Македонијалек', со оглед на тоа што сметаме дека ваков тип на прекршок кој сериозно го руши угледот на јавното здравство не треба никогаш повеќе да се повтори“, вели министерот за здравство Венко Филипче (Фото: СДК.МК)

    Министерот за здравство Венко Филипче рече дека ќе бара максимална казна за компанијата „Македонијалек“ за пропустот со погрешните декларации на вакцините МРП (морбили, рубеола, паротит), кои се со добар и проверен рок.

    „Се констатираше бројот, се напиша извештајот и сега ќе се продолжи во насока на санкционирање на оваа постапка кон веледрогеријата ‘Македонијалек’. Ќе инсистираме тоа да биде максималната казна, со оглед на тоа што сметаме дека ваков тип на прекршок кој сериозно го руши угледот на јавното здравство не треба никогаш повеќе да се повтори“, вели Филипче.

    Тој кажа дека завршил и состанокот со официјалните претставници на компанијата „ГлаксоСмитКлајн“, кои извршиле увид на самата вакцина, пакувањето и рокот.

    „Нѐ уверија дека тоа е нивен производ, дека рокот е добар и квалитетот е согласно нивните стандарди, потврден со испитување во европски лаборатории, какви што има само неколку во цела Европа и истата вакцина која практично се користи во сите земји на ЕУ“, рече Филипче.

    Инспекторите на Агенцијата за лекови (МАЛМЕД) пронашле 624 кутии вакцини МРП (морбили, рубеола, паротит) со погрешни декларации, односно со декларации на кои е ставен постар рок на траење. Ќахил Ибраими, директор на МАЛМЕД, вели дека во случајов вакцините се исправни и со добар рок, но дека поради погрешните декларации ќе побараат од компанијата да ги повлече.

    „Завршивме со контролите, најдени се 624 пакувања во 11 пунктови за вакцинација. Извештајот е предаден во Министерството за здравство и сега ќе видиме комисијата каква казна ќе изрече. Според правилникот казните се меѓу 25.000 и 50.000 евра“, вели Ибраими.

    Министерот за здравство Венко Филипче најави дека на одговорност ќе ги викнат сите директори на здравствени домови.

    „Ќе ги повикаме на одговорност сите директори на здравствените домови и тие коишто ја примиле вакцината, да нѝ укажат како можело да се случи ваков пропуст, да не се детектира таа разлика помеѓу вистинскиот рок кој што е добар и тој на декларацијата, за да преземеме и санкции од страна на Министерство за здравство“, рече Филипче.

    Министерството за здравство ги повика родителите да ги вакцнираат малите деца, како и децата од оновните училишта тоа да го направат пред почетокот на второто полугодие.

    Од Министерството за здравство велат дека уште едно дете е хоспитализирано на Клиниката за инфективни болести и дека таму од сипаници се лекуваат триесетина лица.

    „Детето е на двегодишна возраст и ја посетувало градинката ‘Пролет’ во Карпош. Амбулантно биле прегледани уште пет лица, од кои три деца и двајца возрасни. Едното дете е од Ново Лисиче, ама не одело во градинка. Второто дете е од Општина Центар од градинката ’13 Ноември’ а третото од градинката ‘Снежана’ во Чаир“, велат од Министерството за здравство

    Е. БОЧВАРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира