Избеганиот Никола Војминовски, осуден на 13 и пол години за обид за убиство на Зијадин Села, беше пуштен од притвор во куќен притвор од страна на Кривичниот совет на Основниот суд Скопје 1 на предлог на одбраната за време на судењето, соопшти Јавното обвинителство.
„Во текот на кривичната постапка, присуството на сите обвинети лица од нивното лишување од слобода беше обезбедено со мерка притвор, меѓу кои и на обвинетото лице кое сега е во бегство. За ова лице, одбраната во текот на главната расправа поднесе предлог за укинување на мерката притвор и нејзина замена со мерка куќен притвор или мерки на претпазливост, а притоа како аргумент ја наведе влошената здравствена состојба предизвикана од кардиоваскуларни проблеми на обвинетиот. Кривичниот совет на Судот го прифати овој предлог и на лицето му определи мерка куќен притвор на почетокот на мај 2018 година. Судот ја прифати наведената причина од страна на одбраната“, се вели во соопштението на Јавното обвинителство.
По објавата на пресудата со затворска казна, надлежниот јавен обвинител предложи мерката куќен притвор да продолжи до правосилност на пресудата.
Од обвинителството велат дека во целиот тек на постапката, од замената на мерката притвор во куќен притвор до донесување и објава на пресудата, до надлежниот јавен обвинител не беа доставени никакви податоци или информации за евентуално бегство на обвинетиот по кого сега е распишана потерница, ниту такви податоци постојат за другиот обвинет кој се наоѓа во куќен притвор.