ДА НЕ СЕ ПРОДОЛЖИ ЗИМСКИОТ РАСПУСТ ПОРАДИ ЕПИДЕМИЈАТА СО МАЛИ СИПАНИЦИ, ПРЕДЛОЖИ КОМИСИЈАТА ЗА ЗАРАЗНИ БОЛЕСТИ

    ДА НЕ СЕ ПРОДОЛЖИ ЗИМСКИОТ РАСПУСТ ПОРАДИ ЕПИДЕМИЈАТА СО МАЛИ СИПАНИЦИ, ПРЕДЛОЖИ КОМИСИЈАТА ЗА ЗАРАЗНИ БОЛЕСТИОд Клиниката за инфективни болести велат дека кај нив има 30 болни и дека повеќето се деца (Фото: СДК.МК)

    Комисијата за заразни болести на денешната седница одлучи да му предложи на Министерството за здравство и на останатите надлежни да не се одложува почетокот на второто полугодие од учебната година, поради епидемијата со мали сипаници во Скопје. Претседателот на Комисијата за заразни болести д-р Миле Босилковски вели дека комисијата како советодавно тело одлучила дека нема потреба да се продолжува зимскиот распуст.

    „Извештајот е готов, сѐ уште не е предаден во Министерството, бидејќи не е потпишан. Ценевме дека нема потреба да се продолжува учебната година. Сепак, тоа е наш предлог. Како ќе одлучат министерствата и другите надлежни тоа е нивна работа, бидејќи ние сме само советодавно тело“, вели д-р Босилковски.

    Д-р Жарко Караџовски, член на Комисијата за заразни болести, вели дека нема заболени школски деца поради што сметаат дека не треба да се продолжи распустот и дека вкупно досега се заболени 58 лица.

    „Дадовме препорака и сите здравствени работници што работат со деца, а кои не се вакцинирани да се вакцинираат“, вели д-р Караџовски.

    Од Клиниката за инфективни болести велат дека околу 30 пациенти со мали сипаници се хоспитализирани кај нив и дека имаат неколку посериозни случаи.

    „Ова се бројките од утрово, меѓутоа бројките се менуваат. Има и возрасни и деца, но повеќето се деца“, вели д-р Сања Петрушевска-Маринковиќ, од Клиниката за инфективни болести.

    Е. БОЧВАРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира