На Клиниката за инфективни болести примено е едногодишно бебе заразено со мали сипаници. Од Министерството за здравство велат дека детето е од Општина Чаир, не било вакцинирано и не посетувало градинка. Во моментов, на Клиниката се хоспитализирани 22 лица со мали сипаници, од кои 90 отсто се деца.
Од почетокот на епидемијата со морбили во Скопје од втори јануари досега со вакцината МРП (морбили, рубеола, паротит) вакцинирани се 3.356 деца.
Од Министерството за здравство повикаа родителите да ги вакцинираат децата, и нагласуваат дека вакцините се безбедни и квалитетни.
Откако беше прогласена епидемија во целиот град, здравствените власти забранија градинките и училиштата да примаат невакцинирани деца.
Е. БОЧВАРОСКА