Политичките партии во Турција предупредуваат на можни нерегуларности на претстојните локални избори, откако во избирачкиот список се појавиле голем број необични гласачи. Меѓу нив се голем број стогодишници кои првпат можат да гласаат, од кои најстариот има дури 165 години. Опозициските партии, исто така, откриле дека повеќе од илјада гласачи се регистрирани на еден стан.
Локалните избори во Турција ќе се одржат во март и тие треба да бидат еден од најтешките предизвици за владејачката партија на Реџеп Таип Ердоган, АКП. Турција економски стагнира изминативе месеци, а вредноста на домашната валута е значително намалена во споредба пред една година. Се предвидува дека поради ова, АКП би можела да загуби во неколку клучни градови, меѓу кои и Анкара.
Опозициските партии затоа предупредуваат дека се манипулира со избирачките списоци, особено во областите во коишто АКП загуби со мал број гласови на претходните избори. Републиканската народна партија (ЦХП) објави дека се регистрирани над 6.000 стогодишници, од кои повеќето се постари од официјално најстариот човек во Турција, кој има 116 години.
„Најдобар пример за ова е 165-годишната Ајше Екиџи, наводно родена во 1854 година, во времето на Отоманското Царство, која сега првпат ќе има можност да гласа. Има и други гласачи со 149 и 148 години. Во областа Чанкири, бројот на регистрирани гласачи пораснал за 95% во последните шест месеци. Никогаш не било вака лошо“, велат од ЦХП.