Пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата „За Подобра Македонија“ утре ќе поднесат во Собранието барање премиерот Зоран Заев веднаш да си поднесе неотповиклива оставка и формирање на техничка влада, е заклучокот на Извршниот комитет и на Централниот комитет на денешната седница, кој го соопшти лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски. Барањето за оставка на Заев е за да се испочитува принципот на т.н. Пржинска влада, со кој се предвидува премиерот да поднесе оставка 100 дена пред изборите и да биде заменет со технички премиер, ја појаснија од партијата изјавата на нивниот лидер. Ниту Мицкоски, ниту партијата не споменаа поднесување на интерпелација за владата на Заев.
ВМРО-ДПМНЕ истовремено ќе поднесе и иницијатива за распуштање на Собранието и организирање на предвремени парламентарни избори, заедно со претседателските избори.
„Не обвинуваа дека наводно сме барале избори, а сме молеле Бога да не ги добиеме изборите, еве сега ќе има можност тој, СДСМ, но и владејачката коалиција, владиното мнозинство да одлучат и да прифатат или да го одбијат предлогот на ВМРО-ДПМНЕ во рамките на следните неколку дена, па граѓаните на Република Македонија да видат кој е за, а кој е против предвремени парламентарни избори, кој бара, а кој моли Бога истите да не ги добие“, изјави лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски, по денешната седница на највисоките партиски тела.
Г. ТРПЕНОСКИ