Основното јавно обвинителство соопшти дека отвориле предмет по допрен глас за евентуални неправилности при увозот, дистрибуцијата и употребата на вакцината МРП (морбили, рубеола, паротит) во периодот од крајот на 2018 и почетокот на 2019 година.
Обвинителството вели дека ќе проверува дали постоеле неправилности при увозот на вакцините, нивниот рок на употреба, како и евентуално предизвикани штетни последици.
„Надлежен јавен обвинител веќе издаде наредба Бирото за јавна безбедност при Министерството за внатрешни работи со која побара да се извршат проверки во правното лице „Македонија лек“ како увозник и дистрибутер на вакцината МРП. Од фирмата увозник ќе треба да се обезбеди комплетна документација поврзана со увозот на вакцините и нивното етикетирање“, соопшти ОЈО.
Бирото за јавна безбедност согласно наредбата од ОЈО ќе изврши проверка и во Агенцијата за лекови и медицински помагала (МАЛМЕД) за извршените контроли на увезените вакцини и евентуално констатирани неправилности.
„Согласно издадената наредба од јавниот обвинител МВР ќе направи проверки и во Министерството за здравство како ресорно министерство“, соопшти ОЈО.