Се укинува тридневното чекање и останатите административни бариери за остварување на правото на абортус со новиот Предлог-Закон за прекинување на бременоста, кој Владата го усвои на денешната седница по предлог на Министерството за здравство.
Од Министерството велат дека со овие законски измени жената ќе може да го оствари правото на безбеден прекин на бременоста со тоа што се укинуваат бариерите кои ја одолговлекуваа постапката.
„Жената ќе добие комплетни, објективни и точни информации во врска со начинот на изведување на интервенцијата. Одлуката за прекин на бременоста, жената ќе може да ја донесе свесно, без принуда од кого било, врз основа на објективни информации поврзани со интервенцијата, со посебна медицинска интервенција за која слободно таа одлучува. Веќе нема да имаат потреба да се чекаат три дена по советувањето за да биде спроведена интервенцијата, таа нема да биде принудена да објаснува зошто сака да ја прекине бременоста и никој друг нема да решава за прекинот на бременоста. Правото на жената за прекинување на бременоста е само нејзин избор“, велат од Министерството за здравство.
Овие административни бариери беа воведени во 2013 година со измените и дополнувањата на Законот за прекин на бременоста, во време на поранешниот министер за здравство Никола Тодоров, кој лани им се извини на жените за тоа.
Со новите законски решенија абортусот ќе може да се направи до 12 гестациска недела со писмена согласност на жената.
„Ако бремената жена е малолетна или ѝ е одземена деловната способност, прекинот на бременоста може да се изврши со писмена согласност од родителот, односно нејзиниот старател“, велат од Министерството за здравство.
Абортус ќе може да се направи и по истекот на 12 гестациска недела, по барање и писмена согласност од бремената жена во случаи кога врз основа на медицински индикации, со кои ќе се утврди дека бременоста претставува опасност по животот или ќе доведе до тешко нарушување на здравјето на жената за време на бременоста, породувањето или по породувањето.
„Во постапката за одобрување и вршење на прекинување на бременоста се обезбедува почитување на достоинството на бремената жена, правото на приватност, информираност, прифаќање и одбивање на медицинска интервенција и информација, доверливост на личните и медицинските податоци согласно прописите од областа на заштитата на правата на пациентите и на здравствената заштита“, велат од Министерство за здравство.
Пред да се направи абортусот лекарот е должен да ја информира жената за самата постапка, што може да очекува за време на абортусот и по него, методите на контрацепција на начин разбирлив за жената, за да може да донесе одлука и да даде согласност за постапката.
„Прекинувањето на бременоста со новите законски одредби е предвидено и по 22 гестациска недела да се спроведе со поедноставена постапка, а доктор гинеколог специјалист по гинекологија и акушерство ако има потреба може да побара и дополнително мислење од друг лекар специјалист по гинекологија и акушерство“, велат од Министерството за здравство.
Од Министерството велат дека сега Законот се праќа во собраниска процедура.
Е. БОЧВАРОСКА