Од утре Фондот за здравствено осигурување (ФЗОМ) почнува со автоматска пререгистрација на невработените и лицата со ниски примања. Тие во подрачните служби на Фондот треба да се јават ако имаат промени во личните примања.
Од ФЗОМ велат дека има нови лимити за здравствено осигурување според нето приходот остварен во 2018, односно дека Министерството за здравство го плаќа здравственото осигурување за лицата чии годишни примања на ниво на семејство биле до 145.980 денари. Министерство за здравство го плаќа здравственото осигурување и за оние лица кои лани оствариле приход меѓу 145.980 и 216.102 денари, а последните два месеца имале вкупен приход под 24.330 денари.
Осигурениците кои лани имале вкупни приходи меѓу 145.980 и 216.102 денари плаќааат здравствено осигурување од 50 отсто од просечната плата или 1.333 денари месечно.
Исто толку за здравствено осигурување ќе платат и оние кои се невработени, а лани оствариле приходи над 216.102 денари, односно 50 отсто од просечната плата или 1.333 денари месечно.
Од ФЗОМ велат дека со измените и дополнувањата на Законот за придонеси од задложително социјално осигурување, лицата со повисоки примања нема да плаќаат здравствено осигурување на 100 отсто од основица на просечната плата објавена во јануари во тековната година, туку основица за пресметка на придонес за задолжително здравствено осигурување за оваа категорија на осигуреници е 50 отсто од просечната плата објавена во јануари во тековната година.
„Оваа законска поволност ќе ја користат 462 осигуреници. Напоменуваме дека како приходи на семејство се сметаат личните и приходите на членовите на носителот на здравственото осигурување, односно брачен другар, деца“, велат од ФЗОМ.
Од Фондот велат дека оние осигуреници за кои има промена во процентот на плаќање на здравственото осигурување ќе добијат извествање од Фондот и дека нема потреба да доаѓаат во подрачните служби.
„Осигурениците кои имаат промена во приходите, како и оние кои за прв пат се регистрираат тоа може да го направат од први февруари до 31 март годинава, треба да дојдат во подрачните служби за да се направи пререгистрација“, велат од ФЗОМ.
Фондот вели дека ако се утврди оти осигуреното лице спаѓа во друга категорија со повисоки приходи, а не пријавило дека има приходи и користело здравствени услуги, по службена должност ќе донесе решение за престанок на својството на осигурено лице.
„Со тоа му се укинуваат правата од задолжителното здравствено осигурување, освен правото на итна медицинска помош. Овие лица на кои нема да им се продолжи здравственото осигурување поради повисоки приходи од наведените лимити ќе треба да дојдат во подрачната служба да го регулираат своето здравствено осигурување. За сите информации осигурениците може да се обратат на бесплатната инфо линија 080033222, на електронската адреса: [email protected] или на нашата веб страница во делот пререгистрација на лица со ниски примања“, велат од ФЗОМ.
Е. БОЧВАРОСКА