ИТНИ МЕРКИ ЗА МАЛОЛЕТНИЧКАТА БРЕМЕНОСТ БАРА НАРОДНИОТ ПРАВОБРАНИТЕЛ

    ИТНИ МЕРКИ ЗА МАЛОЛЕТНИЧКАТА БРЕМЕНОСТ БАРА НАРОДНИОТ ПРАВОБРАНИТЕЛНародниот правобранител бара Министерството за здравство да донесе протокол за постапување со малолетни пациентки било да се работи за абортус, породување или друга гинеколошка интервенција, како и протокол за постапување со бебето кога малолетната мајка ќе се откаже од него;- Заменичката-народен правобранител Васка Бајрамовска-Мустафа (Фото: СДК.МК)

    Во период од две години, односно 2016 и 2017 , во јавните здравствени установи се породиле вкупно 731 малолетничка, а 62 ја прекинале бременоста. Болниците не водат точни податоци за нив, а во повеќето случаи не се почитува законската обврска да има согласност од родителот или старателот. Ова се дел од заклучоците од истражувањето на канцеларијата на Народниот првобранител, што денес го презентираше Заменичката-народен правобранител Васка Бајрамовска-Мустафа.

    Таа кажа дека Народниот правобранител бара итно да се преземат мерки за справување со проблемот на малолетничка бременост, да се организира едукација на младите во училиштата преку работилници и материјал прилагоден на нивната возраст во врска со репродуктивното здравје и начините за заштита од несакана бременост.

    „Министерството за здравство да донесе протокол за постапување со малолетни пациентки било да се работи за абортус, породување или друга гинеколошка интервенција, како и протокол за постапување со бебето кога малолетната мајка ќе се откаже од него. Здравствените установи задолжително да обезбедат согласност од родител или старател, а ако не се во можност тоа да го направат да го известат надлежниот центар за социјални работи. При прием на малолетен пациент да го идентификуваат придружникот со кој доаѓаат, да се подобри комуникацијата меѓу здравствените установи и центрите за јавно здравје, Министерството за труд и социјална политика заедно со Министерството за здравство да ја разгледаат можноста за воведување на телефонска линија на која ќе можат да добијат информации во однос на сексуалното образование“, рече Бајрамовска-Мустафа.

    Таа рече дека поттик за истржувањето е случајот од лани кога абортирало 13 годишно девочје, штитеничка на Домот за деца со социјално воспитни проблеми, откако забременила по сексуално злоставување. Истражувањето е направено во 17 јавни здравствени установи каде се врши гинеколошко-акушерска дејност, прво со прашалник, а потоа и со непосреден увид во досејата на малолетните мајки или девојчињата кои абортирале.

    Во осум здравствени установи од оние опфатени со истражувањето во 2016 и 2017 регистрирани се 62 абортуси кај малолетнички, кои биле на возраст од 14 до 18 години.

    „Од вкупно 731 дете кои се породиле во истражуваниот период, 4 се на возраст од 11 до13 години, 225 се на возраст од 14 до 16 години, а останатите се породиле или со ненавршени 17 години или со ненавршени 18 години. Најголем број малолетни мајки се Ромки, или 405, потоа 162 се Македонки, 109 се Албанки, 43 Турчинки, 5 Бошњачки и 6 со друго етничко потекло“, рече Бајрамовска-Мустафа.

    Таа кажа дека во дел од одговорите кои ги добиле од здравствените установи е дека кај нив нема абортуси или породувања од малолетнички, бидејќи ги препраќаат во Скопје.

    „Во повеќето случаи не се води точна евиденција за малолетничата, односно дали е во брачна или вонбрачна заедница, а често нема согласност од родител или старател. Од бебињата родени во овој период, 721 се дадени на чување кај мајките, а само 10 се дадени во Домот за доенчиња во Битола. Притоа, нема целосна документација за преземање на детето од болницата во Домот“, рече Бајрамовска-Мустафа.

     

    Е. БОЧВАРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира