Пратеникот Амди Бајрам ќе биде кандидат за претседател на Македонија на престојните претседателски избори, одлучи неговата партија Сојузот на Ромите, на централниот одбор. Лидерот на партијата Бајрам вели дека е изненаден од изборот на сопартијците, но ја прифаќа кандидатурата.
„Денес доцна попладне партијата без мое знаење одлучила да ме предложи за кандидат за претседател на Македонија, но јас како лидер ја прифаќам кандидатурата. Ќе отвориме страници на Фејсбук и Твитер на кои ќе може да лајкуваат нашите членови и граѓани од цела земја и ако собереме 10.000 лајкови ќе ја поднесеме кандидатурата“, изјави Бајрам за САКАМДАКАЖАМ.МК.
На прашањето зошто сака да се кандидира за претседател, Бајрам вели:
„Досега во јавноста се зборувало за консензуален кандидат, ама овој лажел, оној лажел и затоа јас решив да се јавам, бидејќи можеби Ром подобро ќе ја води работата, од кај знаеме. Инаку јас сум познат како кока-кола, сите ја пијат. Им пожелувам среќа на сите кандидати“, вели 63-годишниот Бајрам.
Бајрам, на митинг на ВМРО-ДПМНЕ во Куманово пред изборите во 2016 го нарече Зоран Заев Зајко Кукурајко и кажа дека ќе го улови со морков и ќе го стави „каде треба, позади“.
„Кој тие шарени бе, кој тие се што упропастија, бе? Тие ли ќе ја водат Македонија, бе? Наркомани ли ќе ја водат Македонија? Педофили ли?, рече Амди Бајрам за активистите од Шарената револуција и кажа дека на централниот митинг на ВМРО-ДПМНЕ ќе донел кафез за да му покаже на Зоран Заев каде му е местото.
„Специјален кафез спремам со еден зајак од три метри висок, ќе го донесам на бина на најголемиот митинг и ќе му покажам кај се наоѓа тој зајко, каде му е место. Таму му е местото, а не да биде премиер на Македонија. Каков премиер, какви бакрачи“, рече Бајрам, а функционерите на ВМРО-ДПМНЕ се смееја.
Бајрам ја прекина коалицијата со ВМРО-ДПМНЕ откако партијата замина во опозиција по парламентарните избори во 2016 и премина во парламентарното мнозинство предводено од СДСМ на премиерот Заев.
Бајрам е основач на Сојузот на Ромите и е нејзин претседател од 1996. Од 1994 е пратеник во Собранието, прво како член на Партија за целосна еманципација на Ромите (ПЦЕР), за до крајот на мандатот да остане независен пратеник.Од 1994–1998 бил во коалиција со владејачкиот СДСМ, а остана запаметен по изјавата кога на парламентарните избори во 1998 рече дека ќе победи премиерот Бранко Црвенковски со „102,3 %“.
Во периодот 1998–2002 ја поддржуваше владата на ВМРО-ДПМНЕ предводена од премиерот Љубчо Георгиевски. При гласањето доверба на владата на Георгиевски по барање на лидерот на опозицијата Црвенковски во декември 2000, владата опстои поради гласот на Бајрам, по што тој изјави дека им дал „гол со пета“ на СДСМ и дека неговата партија „секогаш е со власта“.
Бајрам во 2004 беше обвинет за кражба на платно од штипската фабрика „Македонка“ вредно 750 илјади евра. Тој првично беше осуден на 7-годишна казна затвор, која потоа му беше намалена на 4 години. На локалните избори во 2005, додека пресудата уште не беше правосилна, се кандидира за градоначалник на Шуто Оризари. Иако победи, беше градоначалник нецел месец бидејќи беше однесен на издржување затворска казна во затворот во Штип. Во 2007 казната му е намалена за шест месеци од претседателот Црвенковски, а во 2008 излезе од затвор.
По затворот пак влезе во коалиција со ВМРО-ДПМНЕ предводена од премиерот Никола Груевски. Притоа вербално се конфронтира со повеќемина пратеници на СДСМ, велејќи дека е „бренд како кока-кола“ во споредба со нив. За време на протестите организирани од СДСМ пред Собранието на 24 декемри 2012, Бајрам им покажа среден прст на насобраните симпатизери на опозицијата.
Тој е татко на политичарот Елвис Бајрам, кој беше градоначалник на Општина Шуто Оризари во периодот 2009–2017.
Г. ТРПЕНОСКИ