Општина Охрид планира да ги легализира камп-приколките и објектите изградени во кампот Градиште, а потоа да се вцртаат згради наместо да се прогласи мораториум, велат од граѓанската иницијатива „Охрид СОС“. На седницата на Советот на Општина Охрид која е закажана за утре, како точка на дневен ред се предлага одлука за вклопување на бесправно изградените објекти во автокампот „Градиште“. На тој простор сè уште не се решени сопственичките права, односно со процесот на денационализација земјиштето треба да премине во владение на жители на соседното село Пештани.
„Во Агенцијата за катастар, парцелите кои се означени се водат како земјиште под зграда. Според извори кои беа консултирани, ова била нова промена, бидејќи претходно не стоел овој опис. Ако е тоа случај, кој дал овластување за промена и зошто? Се работи за државно земјиште, но сите постапки, досега, се тајни. Доколку стои оваа формулација, веројатно се подготвуваат и зградите, кои би се вцртале дополнително“, реагираат од „Охрид СОС“.
Од граѓанската иницијатива прашуваат кој е или ќе биде сопственик на овие бесправно изградени објекти, ако се има предвид дека е ова автокамп, каде се поставени камп-приколки.
„Кому му се потребни овие измени, токму сега? Дали се консултирани ЈУНП ‘Галичица‘, со оглед дека овој локалитет е во Зоната за одржливо користење, или Хидробиолошкиот институт во Охрид? Дали се планира некоја елитна туристичка населба? Бараме оваа одлука да се исфрли од дневен ред и на нејзино место да се усвои одлука за мораториум во согласност со препораката број 6 од УНЕСКО“, велат од „Охрид СОС“.
Андријана Башоска, на која со одлука на Уставен суд преку денационализација ѝ е вретено дел од земјиштето во Градиште, вели дека и пред неколку години Советот на Општина Охрид предложил легализирање на дивоградби во Градиште, но тој обид беше спречен со протест пред Општината организиран од барателите на имот на денационализација и точката веднаш била тргната од дневен ред.
„Сега истата ситуација се повторува, но разликата е што дивоградбите веќе се вметнати во катастар и со гласање во вторник треба да се легализираат. Градиште е огледало на тоа како функционира целиот систем. Ние барателите на имот по пат на денационализација веќе 18 години сме заглавени во лавиринтите на системот. Бараме точката да биде тргната од дневен ред, а доколку некој од советниците гласа за незаконскиот предлог со кој брутално се кршат законите и Уставот ќе поднесам кривични пријави за злоупотреба на службена должност“, вели Башоска.
А. АНТЕВСКА