Линдзи Вон имаше спектакуларно повлекување од скијачките патеки, освојувајќи бронзен медал во спуст на Светското првенство во Оре, со 49 стотинки побавно време од шампионката Илка Штухец од Словенија.
Признавајќи дека веќе не може да се бори со повредите, една од најпочитуваните и најинспиративни светски спортистки заминува во пензија без да го собори рекордот на Ингемар Стенмарк од 86 победи во Светскиот куп, но легендарниот Швеѓанец, сепак, дојде да ѝ оддаде почит и ја пречека со цвеќе на целта.
„Не планираше да биде во Оре, но му пишав и буквално го молев да дојде. Бев многу возбудена кога прифати“, кажа Вон пред трката.
„Таа имаше фантастична кариера. Она што е најимпресивно е колку пати се враќаше по повредите, што никогаш не е лесно“, изјави Стенмарк.
Со 82 победи во Светскиот куп и освоени четири големи кристални глобуси, 34-годишната Вон е вториот најуспешен скијач на сите времиња.
„Моето тело е толку искршено што веќе не може да се поправи. Жал ми е што не можев да ја извозам последната сезона како што сонував, но време е да запрам. Не ми пречи тоа што се повлекувам, туку што не успеав да ја остварам мојата најголема цел, а тоа е рекордот на Стенмарк. Сепак, 82 победи, 20 титули во Светскиот куп, три олимписки медали и осум од светските првенства се нешто на што засекогаш ќе бидам горда“, кажа Вон.
Пред неколку дена, и Аксел Лунд Свиндал ја заврши кариерата со медал, откако беше втор на спуст трката.