Штипската клиничка болница денеска отвори втора операциона сала, на која досега ѝ недостасуваше апарат за анестезија, со што пациентите побрзо ќе добиваат термин за операција.
„Апаратот го набавивме со сопствени средства и чини 40.000 евра. Потребата за втора операциона сала се зголемуваше секојдевно, па затоа во нашиот буџет предвидовме средства за современ апарат за анестезија“, вели директорот Ален Георгиев.
„Апаратот е најсовремен и има подобри перформанси од другите што ги имаме. Тој овозможува комплетен мониторинг на пациентот, со што се зголемува неговата безбедност“, објасни началникот на Одделението за анестезија, д-р Јованка Стојменова.
Според хирургот Мијалче Паризов, во Штипската клиничка болница годишно се извршувале по 1.000 операции.
„Со набавката на новиот апарат и со отворањето на втората операциона сала, бројот на операции ќе се зголеми за 300 на годишно ниво. Сега операциите ќе се закажуваат многу побрзо. Со комплетирањето на стручниот кадар, болницата сега е во состојба место досегашните три-четири, да извршува седум-осум операции дневно, со што значително ќе се скрати времето за чекање“, вели Паризов.
Т. ЈОВАНОВСКИ