Ја преземавме судбината во свои раце, никој веќе нема да ни го блокирана влезот во НАТО, рече премиерот Зоран Заев при кревањето на знамето на НАТО пред зградата на Владата.
На свеченоста пред Владата присуствуваа сите министри, поранешните премиери Љубчо Георгиевски, Хари Костов и Владо Бучковски, а иако поканет, поранешниот премиер и претседател Бранко Црвенковски не дојде. Претседателот Ѓорге Иванов не дојде на свеченоста пред Влада.
Премиерот Заев рече дека со станувањето на 30. членка на Алијансата, опасноста за распад на државата е минато и се заблагодари на премиерот на Грција Алексис Ципрас за тоа што заедно успеале да решат проблем кој изгледа нерешлив.
„Нема место за еуфорија, не чека повеќегодишна сериозна работа за спроведување на реформите. Треба да ги досредиме односите во нашиот дом, во нашата татковина. Во тек и уште повеќе ќе се интензивираат системски промени како функционираме како институции и како општество.
Правниот систем мора да дели правда еднакво за сите. Нула толеранција на корупцијата. Во институциите нема да има место за оние кои со своето работење ја изневерија работата за лични интереси и привилегии. Да ја вратиме довербата со тоа што ќе ставиме мораториум на кавгите кои ги попречуваат или оддалечуваат нашите државни интереси и државни цели“, рече Заев.
А. АНТЕВСКА