НЕ САКАМ ДА СУМ АЛИБИ ЗА ПРОДОЛЖУВАЊЕ НА „СКОПЈЕ 2014“ – АРХИТЕКТОТ ПАНОВСКИ ПОДНЕСЕ ОСТАВКА ОД РАБОТНАТА ГРУПА

    НЕ САКАМ ДА СУМ АЛИБИ ЗА ПРОДОЛЖУВАЊЕ НА „СКОПЈЕ 2014“ – АРХИТЕКТОТ ПАНОВСКИ ПОДНЕСЕ ОСТАВКА ОД РАБОТНАТА ГРУПА„Сметам дека тој споменик треба да се урне, а не да се доградува. Не сакам да бидам алиби од довршување на проекот 'Скопје 2014'“, вели Мартин Пановски, претседател на Асоцијацијата на архитекти на Македонија (Фото: К. Попов)

    Претседателот на Асоцијацијата на архитекти на Макеодонија Мартин Пановски поднесе оставка од работната група за „Скопје 2014“. Пановски за САКАМДАКАЖАМ.МК вели оставката ја поднел откако минатата недела Владата усвои одлука Споменикот на Мајка Тереза на Плоштад Македонија да се пренамени.

    По разгледувањето на извештајот од работната група формирана од Министерството за култура, Владата одлучи да се спроведе постапка за пренамена на Споменикот на Мајка Тереза. Министерството треба да распише јавен конкурс за избор на идејно решение за пренамена на објекот.

    Споменикот буквално ја блокира улицата за влез на плоштадот и токму тоа е едно од забелешките кои ги дала работната група во извештајот, по што се предлага тој да биде отстранет (Фото:СДК.МК)

    „Споменикот на Маја Тереза е изграден во пешачки дел на влезот на Плоштадот, таа градба го прекршува Уставот, Законот за урбанистичко планирање и ред други закони. Сметам дека тој споменик треба да се урне, а не да се доградува. Не сакам да бидам алиби од довршување на проекот ‘Скопје 2014’“, изјави Пановски.

    Речиси година и половина изградбата е стопирана. Извештајот на работната група формирана од Министерството за култура за справување со последиците од проектот „Скопје 2014“ е готов одамна и беше доставен до Владата.

    Споменикот буквално ја блокира улицата за влез на плоштадот и токму тоа е едно од забелешките кои ги дала работната група во извештајот, по што се предлага тој да биде отстранет.

    Мирослав Грчев, координатор на работната група, во јануари за САКАМДАКАЖАМ.МК изјави дека изградбата на споменикот на Мајка Тереза е најсурово прекршување на низа закони, правниот поредок и владеењето на правото и тој треба да се отстрани.

    „Ако сакате да речете дека ги спроведувате законите, тогаш нема дилема дека тој објект треба да биде отстранет. Се работи за тежок злочин, злоупотреба на јавен простор, тешка кражба и криминал. Споменикот е ставен на место кое ниту една земја, колку и да е фашистичка, нема да го смести. Прекршени се Законот за градба, Закон за споменици, Закон за буџет, Законот за градење и урбанистичко планирање. Очигледно е што треба да се направи“, кажа Грчев.

    Споменикот на Мајка Тереза беше најавен како донација на фирмата „Сахара Индија“, сопственост на контроверзниот индиски бизнисмен Субрата Рој. Тој заедно со тогашниот премиер Никола Груевски во јануари 2013 го најавија проектот отворајќи ја спомен плочата на Мајка Тереза на Плоштадот Македонија, на местото каде ќе се гради споменикот. Откако Рој отиде во затвор оти не платил оштета на измамени инвеститори во Индија, Владата на Груевски преку Министерството за култура го презеде проектот. Официјалниот старт на градежните работи беше во октомври 2015 и според договорот со изведувачот „Бетон-Скопје“ треба да чини 5,5, милиони евра и треба да биде висок 32 метри.

    Б. НЕСТОРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира