ЈОВЕСКИ ПОБАРА ТОЛКУВАЊЕ ОД ПРАТЕНИЦИТЕ ЗА СУДБИНАТА НА ИСТРАГИТЕ НА СЈО

    ЈОВЕСКИ ПОБАРА ТОЛКУВАЊЕ ОД ПРАТЕНИЦИТЕ ЗА СУДБИНАТА НА ИСТРАГИТЕ НА СЈООва барање за автентично толкување треба првин да го помине филтерот во Законодавно-правната комисија во Собранието, чиј член е координаторот на пратеничката група на ДУИ Ејуп Аљими, обвинет во „Титаник 3“. - Јавниот обвинител Љубомир Јовески (Фото: СДК.МК)

    Како што најави минатата недела, Јавниот обвинител на Македонија Љубомир Јовески, врз основа на член 175 од Деловникот на Собранието на Република Македонија, до Собранието денеска поднесе барање за автентично толкување на членот 22 од Законот за Јавното обвинителство за гонење на кривични дела поврзани и кои произлегуваат од содржината на незаконското следење на комуникациите (Закон за СЈО).

    „Потребата од давање автентично толкување произлегува од различното толкување на чл. 22 од Законот за јавното обвинителство за гонење на кривични дела поврзани и кои произлегуваат од содржината на незаконското следење на комуникациите. Членот 22 од Законот гласи: Јавниот обвинител кој раководи со Јавното обвинителство може да покрене обвинение или да нареди запирање на истражната постапка во период не подолг од 18 месеци од денот на преземањето на предметите и материјалите во негова надлежност“, вели Јовески.

    Јовески минатата недела потенцираше дека треба да бидат исполнети и двата услова, а рокот од 18 месеци да се брои од последната активност. Првин се преземени материјалите (т. н. бомби), а дури потоа предметите. Броењето, смета Обвинителството, почнува од последната активност, од преземањето на предметите од редовното обвинителство. Врховниот суд смета дека истекот на рокот од 18 месеци почнува од преземањето на бомбите и за секое обвинение што ги пробива тие 18 месеци, СЈО не е надлежно. Башка што, со ваквата одлука што ја донесе на општа седница на 30.01.2019, ги суспендира сите истраги на СЈО поднесени по 30 јуни 2017, кога истекле 18-те месеци откако ги презеле бомбите.

    „Материјалите од незаконското следење на комуникациите на СЈО му се предадени на 30.12.2015 година, а одредени предмети, веќе оформени во јавните обвинителства, беа преземани во различни временски периоди. Во овој случај, рокот од 18 месеци се засметува различно за секој предмет посебно, од денот на неговото превземање. Ваквата примена на Законот, не е спорна во јавните обвинителства, ниту кај претседателите на советите и судиите во Основниот суд Скопје 1, кои се надлежни за постапување по овие предмети“, му пишува Јовески на Собранието.

    Тој ја спори и постапката на Врховниот суд и му укажува на Собранието дека највисокиот суд излегол од своите надлежности и прешол во собраниските, со тоа што се впуштил во толкување на член од закон.

    Врховниот суд ја донесе следнава одлука: „СЈО може да покрене обвинение или да нареди запирање на истражната постапка во период не подолг од 18 месеци од денот на преземањето на предметите и материјалите од негова надлежност, како кумулативен услов, кој не може да биде пречекорен сметано од денот на прием на материјалите од неовластено следење на комуникации од член 2 од Законот за Јавното обвинителство за гонење на кривични дела поврзани и кои произлегуваат од содржината на незаконското следење на комуникациите, и по истекот на тој рок од 18 месеци, не е овластен тужител за преземање на јавнообвинителски работи на предистражни и истражни дејствија, предвидени со Законот за кривичната постапка“.

    Со тоа што не постои различна примена на законот и потреба од воедначување на судската пракса, што е основа за утврдување на начелно правно мислење, Врховниот суд, толкувајќи ја конкретната законска одредба излезе надвор од законските надлежности, со што создаде правна несигурност и се вмеша во примената на Законот кај судовите, смета Јовески.

    „Правното мислење дека рокот од 18 месеци не може да биде пречекорен од денот на приемот на материјалите, очигледно не е дел од законската одредба, ниту произлегува од нејзината и содржината на другите одредби во Законот. Друго е прашањето дека во преземените предмети дејствијата мора да се извршуваат во роковите за нивно преземање определени во Законот за кривичната постапка“, пишува во барањето Јовески.

    Ова барање за автентично толкување треба првин да го помине филтерот во Законодавно-правната комисија во Собранието. Нејзин член е координаторот на пратеничката група на ДУИ Ејуп Аљими, обвинет во „Титаник 3“ за фалсификување на записници од гласање на локалните избори во Чаир во 2013 година. И да сака да го стави претседателот на Собранието Талат Џафери барањето за автентично толкување од Јовески на седница, тоа ќе биде бадијала, бидејќи Собранието нема да работи поради претседателските избори. Во меѓувреме, по жалба за куќниот притвор, предметот на Орце Камчев,  осомничениот во „Империја“ на СЈО, веќе стигна пред Врховниот суд и тој ќе го ослободи, согласно одлуката што ја донесе на 30.01.2019.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира