БРИТАНСКИ УЛТРАМАРАТОНЕЦ СТИГНА ВО СКОПЈЕ ТРЧАЈЌИ НИЗ СВЕТОТ ЗА ФОНДАЦИЈА ЗА РАК НА ПРОСТАТА

    БРИТАНСКИ УЛТРАМАРАТОНЕЦ СТИГНА ВО СКОПЈЕ ТРЧАЈЌИ НИЗ СВЕТОТ ЗА ФОНДАЦИЈА ЗА РАК НА ПРОСТАТАСо подвигот „Трчајќи го светот 196“, Батер собира пари за фондација за рак на простата. - Ник Батер и амбасадорката на Велика Британија во Македонија Рејчел Галовеј (Фото: К. Попов)

    Дваесет и деветгодишниот Британец Ник Батер, ултрамарaтонец, истражувач и авантурист лани, го започнал предизвикот „Трчајќи го светот 196“ (Running the World 196), а минатата недела Скопје се најде на неговата рута.

    Батер, кој го истрчал првиот маратон на 11 години, на 6 јануари 2018 го почнал патувањето од Лондон, кое било планирано да трае 18 месеци во 196 земји, до јули 2019, но се поместило за до ноември годинава. Целта на неговиот подвиг е да собере пари за фондација за рак на простата.

    Британската амбасадорка во Македонија Рејчел Галовеј со Батер пред заминувањето од Скопје (Фото: К. Попов)

    Батер за САКАМДАКАЖАМ. МК вели дека идејата за предизивикот ја добил пред 3 години, на маратон низ Сахара, каде се запознал со Кевин Вебер, кој му кажал дека е терминално болен од рак на простата.

    „Веќе се натрпреварував на добро ниво и сакав да направам нешто поинакво. Истражував за сите добротворни организации низ светот, колкава е стапка на смртност, зборував со Кев и му кажав дека сакам нешто да придонесам. Ја поставивме сумата од 250 илјади фунти, која не е и ни мала ни голема. Идејата ја добив за 3 недели, а ја подготвуваме две години. Сакам да патувам, да фотографирам, да трчам и решив кој е најдобар начин отколку да патувам низ светот“, вели Батер.

    Патувањето од Лондон продолжило за Торонто, па Северна, Средна Америка, Јужна Америка, Карибите , па во Северна, Средна и Јужна Африка. Од Европа му останале уште пет земји, како и Азија и островите во Пацификот.

    Ќе мора да се врати на 4 месеци во Африка, за да трча уште низ 25 земји. Планот е предизивикот да заврши во Атина на 11 ноември. Досега се собрани 35 илјади фунти, но Батер се надева дека најголем дел од парите ќе се соберат при крајот на патувањето. Фондацијата „Трчајќи го светот 196“ (www.runningtheworld196.com) ќе биде пуштена во употреба во текот на годинава.

    Батер секојдневно објавува фотографии од патувањето на социјалните мрежи и на неговата официјална интернет-страница. – Од патувањатата на Бахамите, Белгија и Велика Британија (Фото: www.nickbutter.com)

    Патувaњето во бројки досега изнесува: две години, 300 летови, 90 визи, 8 пасоши и тим од 11 луѓе кои работат од Англија: асистентка, психолoзи, нутрицонисти, менаџери, луѓе за обезбедувње и за сместување.

    „Најубав дел од патувањето се луѓето, немаше да биде исто ако не запознаев никој. Сега буквално секаде имам пријатели. Планирам голем настан за вгодина во март, кога ќе ги повикам сите луѓе кои ги запознав од светот, околу 5.000 да дојдат на вечера. Нема непријатни работи, освен дека трчав покрај активни вулкан во Никарагва, ме ограбија во Нигерија, ме искасаа кучиња во Северна Африка. Засега најголем проблем ми се кучињата и сообраќајниот метеж, најголем страв ми е да не ме удри автомобил“, вели Батер.

    Откако ќе заврши со „Трчајќи го светот 196“, Ник низ смеа вели дека прво ќе сака да се наспие, а сѐ му е испланирано до 2024 година. По Атина, треба да ја доврши книгата, планирана да излезе на крајот на февруари 2020. Го чека и 150-дневна тура со говори низ Британија и Европа, има планови со уште еден пријател да го срушат рекордот во Исланд, да го истрчаат за две недели, како и да постави рекорд со трчање во сите национални паркови во Северна Америка.

    Б. НЕСТОРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира