Четворица повредени од автобуската несреќа што се случи во средата на 13 февруари на автопатот Скопје – Тетово уште се во критична состојба, според податоците на Министерството за здравство собрани од болниците каде што се згрижени повредените патници.
Од нив тројца се во Градската општа болница во Скопје „8 Септември“, а еден во Клиничкиот центар „Мајка Тереза“.
Министерството за здравство соопшти дека во Градската општа болница „8-ми Септември“ уште се хоспитализирани 18 повредени. Тројца од нив се наоѓаат во критична состојба, додека пак останатите 15 пациенти се во стабилна здравствена состојба.
Според Министерството за здравство во Клиничкиот центар во Скопје се хоспитализирани 6 пациенти, од кои 3 на Клиниката за анестезија, реанимација и интензивно лекување – КАРИЛ. Двајца од нив се во стабилна состојба.
Пациентот кој е хоспитализиран на Клиниката за торакална хирургија и пациентката (трудница), која се наоѓа на Клиниката за гинекологија и акушерство, се исто така во стабилна здравствена состојба.
Пациентката која се наоѓа во тетовската болница е во стабилна и добра здравствена состојба, соопшти Министерството за здравство.
Во несреќата загинаа 15 патници. Шетсмина загинаа на местото на несреќата, а деветмина починаа во болниците.
Е. БОЧВАРОСКА