На Клиниката за инфективни болести во текот на последното деноноќие регистрирани 13 новозаболени од мали сипаници (морбили), од кои на лекување се примени 7 од заболените.
„Од нив четворица се возрасни, односно 37-годишна жена со потешка клиничка слика, 27-годишен маж од Чаир, 34-годишен од Велес со пневмонија со тешка клиничка слика и сериозна пневмонија, 33-годишен од Велес со бронијална астма и со пневмонија, исто така од Велес, кој бил невакциниран. На останатите тројца вакциналниот статус им е непознат. Меѓу новозаболените од сипаници се три деца од кои едното е од Тетово со тешка клиничка слика и сместено е на одделот за интензивно лекување, потоа 20-месечно дете од Кисела Вода и 4-месечно дете од Куманово со пневмонија. Сите деца се невакцинирани“, велат од Министерството за здравство.
На Клиниката за инфективни болести се лекуваат 21 заболен од мали сипаници, од кои 7 се возрасни и 14 се деца под една година.
„На одделот за интензивно лекување освен детето во тешка состојба е и возрасен пациент на 56 годишна возраст, кој е на механичка вентилација и за кој во текот на денот треба да се добие потврда дека е заболен од морбили. Денес на домашно лекување од Клиниката ќе бидат пуштeни 5 пациенти, на кои им е подобрена состојбата“, велат од Министерство за здравство.
На Клиниката амбулантски биле прегледани 6 пациенти, кои се пуштени на домашно лекување од кои 3 се возрасни, двајца се невакцинирани, а еден е со непознат вакцинален статус.
„Од децата кои се на домашно лекување едното било вакцинирано со една доза, а другите две биле невакцинирани и сите се од Скопје“, велат од Министерство за здравство.
Од Министерството апелираат сите невакцинирани да се вакцинираат, а досега се вакцинирани 7.985 деца.
Е. БОЧВАРОСКА