УЧИЛИШТЕ ВО БИТОЛА ДОБИ СЕНЗОРНА СОБА, ДОНАЦИЈА НА ХУМАНИТАРКА ОД ШВЕДСКА СО БИТОЛСКО ПОТЕКЛО

    УЧИЛИШТЕ ВО БИТОЛА ДОБИ СЕНЗОРНА СОБА, ДОНАЦИЈА НА ХУМАНИТАРКА ОД ШВЕДСКА СО БИТОЛСКО ПОТЕКЛОСензорната соба ќе ја користат 40 ученици од девет специјални паралелки во училиштето, а има за цел да им ги развие сетилата, меморијата и да ги релаксира. (Фото: СДК.МК)

    Сензорна соба направена по сите европски стандарди, наменета за децата со посебни потреби отворена е во Основното училиште „Ѓорги Сугарев“ во Битола. Собата чини над 30.000 евра и е донација на Здружението „Од рака на рака“ од Шведска, основано од Марија Росенгрен, која по потекло е од Битола, во соработка со германска фондација. Собата ќе ја користат 40 ученици од девет специјални паралелки во училиштето, а има за цел да им ги развие сетилата, меморијата и да ги релаксира. Третманите се внесени во наставната програма.

    „Се состои од светла и темна соба, во светлата има апарати со кои преку игра се стимулираат сетилата, а во темата соба е апаратура за стимулирање на слух, вид, релаксација. Се прават тестови индивидуално за секое дете во зависност од тоа дали е хипер или хипо сензитивно за одредено сетило, се прави план, па со секое дете работиме индивидуално. Секој ден ќе работиме со одреден број деца во зависност од часовите и потребите на детето“, рече дефектологот Александра Божиновска.

    Ова не е прва донација на Росенгрен во ова училиште и во Битола. Пред неколку години нивното Здружение обезбедуваше бесплатен оброк за децата од социјално загрозените семејства додека престојуваа на школо.

    Донаторката Марија Росенгрен, која по потекло е од Битола, со битолската градоначалничка Наташа Петровска. (Фото: СДК.МК)

    „Оваа соба му овозможува на секое дете без разлика од која социјална категорија е, да му се овозможи третман според неговата дијагноза за да се подобри неговата состојба. Ние ги запазивме сите европски стандарди и сѐ што е на европско ниво актуелно е спроведено тука. Имаме вклучено експерт кој 18 години во Шведска работи со деца со пречки во развојот. Тој ќе дојде тука за обука на наставниот кадар“, рече хуманитарката Марија Росенгрен.

    Таа одамна е отселена во Шведска, но не го заборавила родниот крај. Па, заедно со сопругот Томас, која е Швеѓанец, преку нивното хуманитарно здружение досега оствариле донации во битолските училишта од 140.000 евра, а во болниците низ земјава нивните донации се со десеткратно поголеми износи.

    Ж. ЗДРАВКОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира