Карл Лагерфелд ќе биде кремиран и пепелта ќе биде измешана со пепелта на неговиот партнер и најблизок пријател кој починал од СИДА во 1989.
Легендарниот дизајнер на „Шанел“ кој почина вчера на 85 години, бил во врска со Жак де Башер, кој бил позната личност во париските кругови во 70-тите години, и кој важел за „лошо момче“, познат по скандали со алкохол, дрога и секс.
„Монд“, цитирајќи блиски пријатели на Лагерфелд, објави дека креаторот ја чувал урната со пепел на Де Башер и дека од нив побарал да им ги измешаат заедно.
Де Башер исто така бил и љубовник на Ив Сен Лоран, Лагерфелд знаел за аферата, но ја игнорирал.
Лагерфелд тврдел дека за време на нивната 18-годишна врска никогаш немале сексуален однос со Де Башер, и дека се грижел за него сѐ до смртта. Една година по смртта, Лагерфелд купил куќа во Хамбург која ја нарекол „Џеко“ по неговиот партнер, а по една деценија лансираше и парфем со истото име.
Креаторот изјавил дека никогаш немал односи со личностите кои ги сака, туку дека за тоа плаќал проституки.
„Лично, преферирам само придружници од висока класа. Не сакам да имам односи со луѓето кои вистински ги сакам. Не сакам затоа што сексот не може да трае, но чувствата траат засекогаш. Мислам дека вака е поздраво. За нас богатите ова е можно, а останатиот свет ги има порнофилмовите“, изјавил Лагерфлед во интервју за магазинот „Вајс“.
Медиумите шпекулираат во врска со погребот на модната икона, кој има изјавено: „Нема да има погреб. Попрво ќе умрам!“.
Освен неговата омилена мачка Чупет, за која велел дека сака да ја ожени кога би било тоа легално и сестра му во Америка која не ја видел со години, Лагерфелд нема други блиски роднини.