АБОРТУС И СО ЛЕК ОВОЗМОЖУВА НОВИОТ ЗАКОН ЗА ПРЕКИН НА БРЕМЕНОСТА, ЈАВНА РАСПРАВА ВО СОБРАНИЕ НА БАРАЊЕ НА ДУИ

    АБОРТУС И СО ЛЕК ОВОЗМОЖУВА НОВИОТ ЗАКОН ЗА ПРЕКИН НА БРЕМЕНОСТА, ЈАВНА РАСПРАВА ВО СОБРАНИЕ НА БАРАЊЕ НА ДУИВо јуни 2013, невладините организации протестираа пред Собранието против донесување на Законот за прекин на бременоста што го предложи тогашниот министер за здравство Никола Тодоров, со барање пратениците да гласаат „против“ оти ги ограничува правата на жената. (архивска фотографија)

    Јавна расправа за предлог-Законот за прекин на бременост ќе има откако тој ќе помине во прво читање во Собрание. Ваква одлука донесе денес собраниската Комисија за здравство, на предлог на координаторот на пратеничката група на ДУИ Ејуп Аљими.

    Министерот за здравство Венко Филипче се согласи со предлогот за одржување јавна расправа и во образложението на предлог-законот рече дека целокупниот процес го воделе отворено и при подготовка на законските решенија биле вклучени сите граѓански здруженија кои дале свои сугестии и мислења како и бројни експерти, за да направат законско решение, кое ќе биде квалитетно, применливо, согласно стандардите во развиените европски земји.

    „Во законот се уредува постапката за одобрување на прекинување на бременоста без дополнителни административни процедури односно бариери, за да не се ограничува пристапот до и спроведување на постапката за безбеден прекин на бременоста, пристапот до информации согласно стручно упатство за безбеден прекин на бременоста, за да може жената да донесе одлука и да даде писмена согласност за спроведување на интервенцијата, прекинување на бременоста, на барање и со дадена согласност по добиени информации и спроведено советување на бремената жена, до 12-тата гестациска недела од страна на лекар специјалист по гинекологија и акушерство, утврдување на случаите кога може да се изврши прекинување на бременоста по истекот на 12-тата гестациска недела“, рече Филипче.

    Во законот се предвидува прекин на бременоста на барање и со дадена согласност по добиени информации и спроведено советување на бремената жена, по 12-тата до 22-та гестациска недела од страна на лекар специјалист по гинекологија и акушерство, со можност за барање на дополнително мислење од друг лекар специјалист по гинекологија и акушерство.

    За абортус по 22 гестациска недела по барање на жената и извршено советување одлучува првостепена комисија, со можност за приговор до второстепена комисија. При тоа ќе се води сметка и за условите што треба да ги исполнуваат здравствените установи за вршење на постапка за прекинување на бременоста за таа да се спроведува согласно востановени медицински стандарди, упатства и протоколи заради минимизирање на опасностите по животот и здравјето на жената.

    Филипче рече дека со законот се овозможува и медикаментозниот абортус како опција кој се изведува до 9 гестациска недела, што е тренд насекаде во светот.

    „Во второстепената комисија уфрлуваме лекари специјалисти од многу повеќе области за да се утврди дали евентуално малформацијата кај плодот може да се третира и што може да се очекува од тоа бебе кога ќе се роди ако се први таа интервенција односно во која насока ќе се развива. Имавме повеќемесечен процес во кој ги слушнавме сите барања на граѓанските здруженија и сериозно ги разгледувавме. Со овој закон тргнувајќи ги рестриктивните мерки од претходниот, волјата на жената ја ставаме на прво место“, додаде министерот Филипче.

    Независниот пратеник Сашо Василевски рече дека треба да се посвети внимание и тоа да биде дел од расправата, на условите под кои може да се врши прекинување на бременост. Во член три прекинувањето на бременоста може да се изврши до истекување на 12-тата гестациска недела со писмена согласност на бремената жена. Според него, текстот е добар, но неопходна е дебата.

    „Се консултирав со двајца врвни гинеколози и тие сметаат дека 12-тата гестациска недела треба да се земе со резерва, затоа што гинеколозите одат од денот на завршување на менструалниот циклус. Ако ова го предвидиме во ова законско решение има разлика од две недели. Значи има разлика дали ќе биде десетта недела или ќе биде 12-та недела кога има формиран плод. За ова треба да има поширока консултација со експерти по гинекологија и акушерство. Сметам дека до осма недела треба да биде максимална либерализација на овој закон. Десеттата недела да биде оној момент каде ќе се одлучува понатаму како ќе оди целата процедура на абортус и да се донесе квалитетно законско решение“, рече Василевски.

    Според Маја Морачанин од ДОМ со ова законско решение се надминуваат оние рестрикции со кои жените се соочуваа во поглед на отежнување на пристапот до безбеден абортус во интерес на здравјето на жените.

    Е. БОЧВАРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира