ЌЕ СЕ ПОТРУДИМЕ ДА НАЈДЕМЕ ПАРИ ДА ИМ ПЛАЌАМЕ ДЕЖУРСТВА НА СПЕЦИЈАЛИЗАНТИТЕ, ВЕЛАТ ОД МИНИСТЕРСТВОТО ЗА ЗДРАВСТВО

    ЌЕ СЕ ПОТРУДИМЕ ДА НАЈДЕМЕ ПАРИ ДА ИМ ПЛАЌАМЕ ДЕЖУРСТВА НА СПЕЦИЈАЛИЗАНТИТЕ, ВЕЛАТ ОД МИНИСТЕРСТВОТО ЗА ЗДРАВСТВО„На средбата стана збор кофинансираните специјализанти да бидат трансформирани во државни со полни права и категоријата кофинансирани да не постои повеќе“, велат од Министерство за здравство.-од денешната средба на специјализантите и младите лекари со министерот за здравство Венко Филипче (Фото:СДК.МК)

    Министерството за здравство ќе се труди да обезбеди пари за исплата на дежурства за сите специјализанти, како и пари за покривање на придонесите за здравствено и пензиско осигурување на приватните специјализанти, кои сега се ангажирани со договор на дело. Ова било договорено на денешната средба со министерот за здравство Венко Филипче и претставници од Здружението на лекари специјализанти, Асоцијацијата на специјализанти и млади лекари и со Клубот на млади лекари.

    „Ќе продолжат разговoрите со претставници на здруженијата за да бидат вклучени во наставно-научниот совет на Медицински Факултет, за да може со заедничка соработка да се подобрат условите на специјализацијата и целокупната едукација. На средбата стана збор кофинансираните специјализанти да бидат трансформирани во државни со полни права и категоријата кофинансирани да не постои повеќе“, велат од Министерство за здравство.

    Министерот најави дека од септември ќе објават нов конкурс за ангажирање на приватните специјализанти.

    „Младите лекари се нашиот фокус и правиме сѐ за подобрување на нивниот статус, квалитетот на едукацијата и условите во кои што работат. Министерството за здравство, лани првпат обезбеди средства за вложениот труд на приватните специјализанти. Грижата за специјализантите и соработката со нив продолжува. Вратите на Министерството за здравство се секогаш отворени за нив“, вели Филипче.

    Покрај ова, од јуни сите лекари по општа медицина кои имаат лиценца за работа ќе почнат со 6-месечен задолжителен стаж во здравствените домови низ земјата, односно во Брза помош, патронажните служби и пунктовите за вакцинација.

    Од Асоцијацијата на специјализанти и млади лекари велат дека начелно се задоволни од денешната средба и дека се согласуваат со идеите за решавање на статусот на специјализанти и млади лекри.

    „Со новиот Закон за здравствена заштита државните специјализанти ќе добијат фер договори по однос на обврските еден спрема еден, односно ако специјализацијата траела 5 години, тогаш и обврската за останување во јавната установа е исто толку, а не како сега што е сега, еден спрема два. Во однос на платите за приватните специјализанти за јануари добивме ветување дека во текот на денешниот ден Министерството за здравство ќе информира за решението од Министерство за финансии и добивме ветување дека проблемот наскоро ќе биде надминат“, велат од Асоцијацијата на специјализанти и млади лекари.

    Е. БОЧВАРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира