Двајца од повредените патници од автобусот што се преврте кај Ласкарци на автопатот Скопје-Тетово се во тешка здравствена состојба, останатите што се хоспитализирани на скопските клиники и во Градската општа болница „8 Септември“ се во стабилна состојба, велат од Министерство за здравство. Во несреќата што се случи на 13 февруари починаа 15 патници.
„Во Градската општа болница ‘8 Септември’ се наоѓаат 8 од повредените, од кои 1 пациент е во тешка состојба и се лекува на одделот за хируршка-интензивна нега. Останатите се во добра општа состојба. На Клиниката за анестезија, реанимација и интензивно лекување (КАРИЛ) се лекуваат тројца пациенти, од кои еден е во тешка состојба, додека другите двајца се стабилни. На Универзитетската клиника за неврохирургија има една пациентка и таа е во стабилна состојба. Пациентот од трауматологија во текот на денешниот ден ќе биде пуштен на домашно лекување“, велат од Министерството за здравство.
Е. БОЧВАРОСКА