Приватните здравствени установи кои немаат договор со Фондот за здравствено осигурување (ФЗОМ) отсега ќе имаат обврска да ги пријавуваат здравствените услуги што ги даваат во националниот систем „МојТермин“. Жаклина Чагароска од Управата за електронско здравство рече дека со измените на „МојТермин“ и новиот начин на упатување, кој стартуваше од вчера, приватните здравствени установи ќе добијат корисничка сметка и ќе имаат обврска да ги пополнуваат евиденциите во електронска форма, односно пријави за породување и болести.
Таа кажа дека новата верзија на националниот систем за здравствени евиденции „МојТермин 2.0“ стартувал во саботата, кога биле интегрирани системите на над 70 софтверски компании чии системи ги користат лекарите и здравствените установи, а самиот систем веќе има над 30 модули. Чагароска вели новиот систем е веќе интегриран со системот на Фондот за здравствено осигурување и со Управата за водење матични книги, односно секое породување се пријавува електронски.
„Како што веќе најавивме, приоритетниот упат е укинат, а се воведува упат Без термин кој трае 7 дена и Итен упат, и се воведува обврската во рок од 24 часа да се издаде отпусно писмо за пациентот по испишување од болница. При тоа додаовме и можност во електронскиот дневник да се прикажи и резултат од микробиологија и од патологија на издадениот упат и да стигне до лекарот кој го издал, без да мора пациентот да оди по резултатот“, рече Чагароска.
Вчера и денес, дел од матичните лекари реагираа дека системот не функционира, односно дека не можат да издадат упати и боледувања. Револтирани беа и пациентите, кои не можеа да го направат потребното лабораториско испитување.
„Имавме јавувања и од лекарите дека одредени упати не можат да ги издадат, но по усогласување со софтверските куќи што им го оддржуваат системот, проблемите беа надминати“, вели Чагароска.
Таа кажа дека во текот на вчерашниот и денешниот ден ги отстраниле сите технички недостатоци и дека по укажување од гинеколозите и педијатрите во системот се внесени како специјалисти, бидејќи биле по грешка ставени како општи лекари, кои не може да издаваат одредени лекови.
„Во текот на вчерашниот ден, издадени се над 96.000 уапти и над 86.000 рецепти, што е и вообичаено. При тоа издадени се над 4.500 од новите упати, односно Итен24 и Без термин. Од нив над околу 2.700 се Итен 24, од кои над 1.000 се издадени од матичните лекари, а околи 1.900 се упати Без термин од кои над 1.600 се издадени од матичен лекар“, рече Чагароска.
Таа рече дека со новиот начин на упатување матичните лекари и гинеколозите ќе можат да издаваат и упати за лабораториски испитувања, за кои досега упати давале специјалисти, односно тест за гликоза при бременост и тест за тироиден хормонски статус.
Системот покажал дека најмногу итни упати се издадени за рендген дијагностика, интерна медицина и ортопедија, а по установи најмнгу се издадени за Градската општа болница „8 Септември“, како и во општите болници во Прилеп, Куманово, Струмица и Штип. Од издадените итни упати најмногу биле со упатна дијагноза хипертензија, абдоменална и карлична болка, акутен бронхитис.
Од упатите без термин вчера најмногу биле издадени во болницата во Струмица, на Клиниката за радиологија, и во болниците во Тетово, Штип и „8 Септември“ во Скопје. Без термин, или упатот кој трае седум дена најмногу се издадени за интерна медицина, рендген дијагностика и ортопедија.
Чагароска рече дека дел од болниците и лекарите реагирале дека голем дел од пациентите кои вчера биле пратени како итни случаи, воопшто не биле итни и дека ќе ги разгледаат податоците и ќе формираат комисии кои ќе испитаат за што станува збор, заедно со Лекарската комора и Фондот за здравствено осигурување. Во ургентните центри за итни случаи нема да има потреба од упат.
Таа рече дека и граѓаните, но и лекарите и здравствените установи може да се јават на бесплатниот број 02/15444 каде може да добијат информации за новиот начин на функционирање на системот, како и да дадат забелешки.
Е. БОЧВАРОСКА